Албанија забрзано се празни, за 25 години изгубила над 60 отсто од младите луѓе
Албанија влезе во период на сериозни демографски случувања, рангирајќи се меѓу првите четири земји во светот во однос на намалувањето на младото население, пренесува Тирана тајмс.
Препорачано
Алармантната ситуација е наведена во неодамнешниот документ за младите од Одделот за население на Обединетите нации. Во него се наведува дека во 2000 година Албанија имала над половина милион млади луѓе (544.000), додека по две и пол децении, оваа бројка изнесува само 195.000, што е минус од 349.000 или 64,2 отсто помалку, ставајќи го под знак прашалник економскиот и социјален опстанок на земјата.
Според проценките, Албанија се очекува да изгуби речиси 43 отсто, од возрасната група од 15 до 24 години, од 2025 до 2050 година.
Обединетите нации забележуваат дека од 225 земји во светот, Албанија е на трето место, по Кина и Украина по намалувањето на бројот на млади луѓе во следните три децении.
„Глобалната споредба ја става Албанија во полоша позиција дури и од Јапонија или Италија, светските симболи на стареење. Додека Јапонија губи само 28 отсто од својата младина, Албанија го прави тоа со речиси двојно побрзо темпо, надминувајќи ги демографските пресвртници што на другите нации им требаше векови“, стои во извештајот на според ОН.
Падот е уште поагресивен што ќе доведе младите луѓе да станат многу мала група во однос на вкупното население. Во 2000 година, Албанија беше водечка во Европа во однос на младото население, при што лицата на возраст од 15-24 години сочинуваа 17,2 отсто од вкупното население.
Во 2025 година, тие сочинуваа само 13,6 отсто, додека според проекциите на ОН во 2050 година се очекува да бидат само 11,3 отсто. Овој пад, констатираат локалните медиумите, ја става Албанија во „црвената зона на земји кои ја консумираат иднината пред да дојде”.


