Судење за пожарот во „Пулс“, Кочани / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Се читаа пораки на газдата на „Пулс“ – началници, полицајци, инспектори му најавувале рации и контроли на газда Деко

Газдата на дивата дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, во којашто загинаа над 60 млади луѓе, со години бил во комуникација со полициски началници, полицајци, инспектори, со вработени во Министерството за економија кои му дојавувале кога ќе има контроли и рации во дискотеката.

Ова го покажа СМС и вибер-комуникацијата на Јованов којашто беше презентирана на судско рочиште за кочанската трагедија што се случи на 16 март лани. Овие контакти биле запишани во неговиот мобилен како – Началничка Марија, Цеце, Тодор Јованов, Весна Инспекторка приватен, Лазе Жти, Ацо командант, Магдалена Лиценца, Вили економија, Благица Диско…

Обвинителството презентираше комуникација со вработени во Економија и полиција што му даваат информации за најава за контрола на малолетници, кога му истекува лиценцата, како и комуникација меѓу Дејан и неговиот син Михајло, поврзана со функционирањето на правните субјекти каде се тие активни.

Ексдиректорот на ДЗС Шабан Салиу, обвинет за „Пулс“, вели дека некој друг се потпишувал во негово име

Пред да се случи трагедијата, синот на Деко, Михајло Јованов го известува татко му дека има рација во „Булевар“, од полицајци од Радовиш кои не се „наши“ и дека ќе дојдат и во дискотеката. Пишува дека има многу малолетни и дека треба да се испразни, на што Дејан му враќа дека и да е така, ќе оди во стечај.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, во изјава на паузата на денешното рочиште, порачаа дека се отвораат сериозни прашања по презентирањето на комуникациите помеѓу Деко и Михајло и дел од полициските и институционалните службеници.

– Овие комуникации отвораат сомнежи дали постоела институционална заштита и влијание врз контролите и постапките. Воедно, комуникациите помеѓу таткото и синот, Деко и Михаил, отвораат прашања за улогата на Михаил во работењето и одлучувањето – изјави Александар Наунов.

Дополнително, Наунов рече дека јавноста за првпат слушнала и имиња на лица кои имале бројни и сериозни контакти со сопствениците на „Пулс“ и „Класик“, а не се опфатени во обвинителниот акт на ОЈОГОК.

– Има полициски службеници кои биле во постојана комуникација со дојава на контроли со обвинетите Михаило и Деко, а и полициски службеник кој е во пензија, а има 400 комуникации со сопственикот и неговиот син. Ова отвора прашања дали сите се опфатени, сите релевантни факти и лица, и дали има основ за дополнителни истраги. Јавноста очекува целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност за секој за кого ќе се докаже вмешаност – изјави Наунов.

Судот не дозволи изземање на обвинителката за „Пулс“ — обвинителството презентираше докази за работата на инспекторите

Со ова од материјалните докази предложени од Обвинителството ќе остане уште изведување на градежно вештачење и произнесување на вештите лица. По изведувањето на доказите на Обвинителството, материјални докази и сведоци ќе изведува и одбраната, која, како што најави, има и две вештачења.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот