Мост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

Се чисти патот на новиот булевар во Керамидница, но мостот „Генерал Михајло Апостолски“ сè уште е затворен за возила

Во однос на проблематичната експропријација на имоти по трасата од булеварот што ќе треба да води кон „Ист гејт“, од Град Скопје посочија дека во наредниот период ќе продолжи процесот за експроприрање на 22 објекти, од кои шест ќе се решаваат судски, со што веројатно пробивањето на овој дел од булеварот нема да се случи набрзо.

Иако полека се решаваат проблемите со експропријацијата, трасата на булеварот „АСНОМ“, кој ќе води низ Ќерамидница, кон ресторанот „Дојрана“ и кон трговскиот центар „Ист гејт“, за каде сè уште се водат судски постапки, Градот уште го нема пуштено во употреба мостот „Генерал Михајло Апостолски“, за кој градоначалникот даде рок од 60 дена за да биде отворен за сообраќај.

ФОТО+ВИДЕО | Завршена експропријацијата во Ќерамидница, „рибарскиот мост“ за два месеци треба да се отвори за сообраќај

Градот најавува, но мостот никако да се отвори за сообраќај

Последно, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во средата соопшти дека завршил рокот за отселување на семејствата што живееја во експроприраните куќи на трасата на проширување на булеварот „АСНОМ“ низ Ќерамидница и повторно најави дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе биде пуштен во употреба, без конкретен датум или информација од кога овој објект би бил отворен за сообраќај.

– Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно ќе биде ставен во функција. Кај скопјани остана запаметен како „мостот што водеше во дневна соба“ или „мостот за ловење риба“. По истекот на рокот за преселување на семејствата што живееја на трасата, денес започнуваме со расчистување на булеварот „АСНОМ“, токму од мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што започнува неговото конечно ставање во функција. Конечно, наскоро ќе биде мост што ќе ги поврзува луѓето, ќе го забрзува сообраќајот и ќе го менува секојдневието на граѓаните – напиша градоначалникот.

Пробивање на трасата за булеварот „АСНОМ“

На оваа тема, градоначалникот пред два месеца соопшти дека се завршени сите процеси на експропријација на имотите во Ќерамидница, со што на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во наредните 60 дена треба да се воспостави целосен сообраќаен проток.

– По завршувањето на подготвителните активности, средувањето на документацијата и преселувањето на жителите од објектите на трасата, се очекува во рок од 60 дена да се воспостави целосен сообраќаен проток – информираше Ѓорѓиевски.

Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

Додека не се експроприраат сите имоти, ќе се вози низ населбата

Сепак, Ѓорѓиевски во неколку наврати најавува отворање на мостот, но во заднина на ова отворање постојано „лежи“ главниот проблем што го имаа и неговите претходници, а тоа е експропријацијата на десетиците имоти што стојат на патот на трасата за новиот булевар што треба да ги поврзе Гази Баба и Аеродром кој е директно поврзан и од него зависи протокот на возила што ќе доаѓаат од мостот „Генерал Михајло Апостолски“.

Ѓорѓиевски последно напомена и дека истовремено со отворањето на мостот, продолжува и процесот на експропријација на имоти за да се изгради предвидениот булеварот „АСНОМ“, кој, како што и претходно од Град Скопје соопштија за „Слободен печат“, треба да минува низ Керамидница и да се приклучи на булеварот „Гоце Делчев“ кај трговскиот центар „Ист гејт“, со уште еден приклучок од страната на ресторанот „Дојрана“.

– Со реализацијата на овие активности е предвидено алтернативно, сообраќајно поврзување на мостот со постојната локална патна инфраструктура, со што ќе се овозможи директен и поефикасен проток на сообраќај кон булеварот „16. Македонска бригада“ (кај „Дојрана“), како и кон сообраќајницата што води кон „Ист гејт“, со што мостот ќе биде ставен во функција – претходно соопштија од Градот.

До крајот на годината треба да е готов булеварот кон „Ист гејт“, дотогаш ќе се вози низ Ќерамидница

Дел од експропријациите се готови, дел се на суд

Како што информираа од Град Скопје за „Слободен печат“, во моментов се средени експропријациите за кракот од булеварот што ќе води кон „Дојрана“ и потоа кон булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда, со што се отвора можност за проширување на овој дел, но оттаму повторија дека додека не се реши главниот проблем, односно судските спорови за трасата која треба да излезе зад „Ист гејт“ и да се приклучи на булеварот „Гоце Делчев“, сообраќајот откако ќе се пушти мостот ќе се одвива преку тесните уличиња низ Керамидница кои во моментов се потсредуваат и санираат.

– По стапување на функција на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, веднаш беа преземени конкретни чекори за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Во таа насока, градската администрација интензивно работеше и сѐ уште работи на експропријациите што биле занемарувани во минатото. Дел од предметите се целосно решени и со тоа се отвора можноста за спроведување на подготвителни градежни активности за пробивање на траса кон „Дојрана“ ,со поврзување преку општинските улици. Со досега завршените експропријации, се отвора можноста да бидат преземени зафати за ставање во функција на мостот со алтернативните општински улици што ќе бидат реконструирани – велат од Градот за „Слободен печат“.

ФОТО | Се чисти трасата за булеварот „АСНОМ“ низ Ќерамидница, Ѓорѓиевски без детали од кога ќе се вози по мостот „Генерал Михајло Апостолски“

Во однос на проблематичната експропријација на имоти по трасата од булеварот која ќе треба да води кон „Ист гејт“, од Град Скопје посочија дека во наредниот период ќе продолжи процесот за експроприрање на 22 објекти, од кои шест ќе се решаваат судски, со што веројатно пробивањето на овој дел од булеварот нема да се случи за брзо време.

– Во наредниот период продолжува и експропријацијата за делот кон „Ист гејт“, односно 22 предмети од кои шест се предмет на судски спор – соопштија од Градот.

Планот за проширување на булеварот „АСНОМ“ /Фото: Град Скопје

Ѓорѓиевски најави дека кога ќе се пушти мостот, таму првично, сѐ додека не се пробие булеварот „АСНОМ“, сообраќајот ќе се одвива ограничено со две ленти и низ општинските улици во Ќерамидница, а од Градот соопштија дека мостот ќе биде означен.

– Во однос на бележењето на мостот, односно поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, ќе биде извршено откако ќе завршат градежните активности, според однапред изготвен сообраќаен план – посочија од Град Скопје.

Сепак, иако Ѓорѓиевски во два наврата најавува отворање на мостот и ослободување на сообраќајот во Скопје ниту тој ниту Градот немаат конкретен датум кога „Генерал Михајло Апостолски“ ќе биде макар и делумно пуштен во сообраќај.

Со пуштањето во употреба на овој мост и со пробивањето на новиот коридор низ Ќерамидница, ќе отвори побрз проток од Аеродром кон Гази Баба и Центар за автомобилите, јавниот превоз, велосипедите и пешаците. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот