Мост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

ФОТО | Се чисти трасата за булеварот „АСНОМ“ низ Ќерамидница, Ѓорѓиевски без детали од кога ќе се вози по мостот „Генерал Михајло Апостолски“

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека завршил рокот за отселување на семејствата кои живееја во експроприраните куќи на трасата на проширување на булеварот „АСНОМ“ низ Ќерамидница и повторно најави дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе биде пуштен во употреба, без конкретен датум или информација од когаовој објект би бил отворен за сообраќај.

Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно ќе биде ставен во функција. Кај скопјани остана запаметен како „мостот што водеше во дневна соба“ или „мостот за ловење риба“. По истекот на рокот за преселување на семејствата кои живееја на трасата, денес започнуваме со расчистување на булеварот „АСНОМ“, токму од мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што започнува неговото конечно ставање во функција. Конечно, наскоро ќе биде мост што ќе ги поврзува луѓето, ќе го забрзува сообраќајот и ќе го менува секојдневието на граѓаните – напиша градоначалникот.

ФОТО+ВИДЕО | Завршена експропријацијата во Ќерамидница, „рибарскиот мост“ за два месеци треба да се отвори за сообраќај

Тој се пофали дека ветувањето за отворање на мостот е завршено за помалку од една година, но не соопшти дали од денеска е пуштен за слободен проток на возила.

Планот за проширување на булеварот „АСНОМ“ /Фото: Град Скопје

Ѓорѓиевски напомена и дека паралелно со отворањето на мостот продолжува и процесот на експропријација за да се изгради преостанатиот дел од булеварот „АСНОМ“, кој е предвиден да минува низ Керамидница и да се приклучи на булеварот „Гоце Делчев“ кај трговскиот центар „Ист гејт“, со уште еден приклучок од страната на ресторанот „Дојрана“.

До крајот на годината треба да е готов булеварот кон „Ист гејт“, дотогаш ќе се вози низ Ќерамидница

Со реализацијата на овие активности е предвидено алтернативно, сообраќајно поврзување на мостот со постојната локална патна инфраструктура, со што ќе се овозможи директен и поефикасен проток на сообраќај кон булеварот „16-та Македонска бригада“ (кај Дојрана), како и кон сообраќајницата што води кон „Ист Гејт“, со што мостот ќе биде ставен во функција – претходно соопштија од Град Скопје за „Слободен печат“.

Пробивање на трасата за булеварот „АСНОМ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот