Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

До крајот на годината треба да е готов булеварот кон „Ист гејт“, дотогаш ќе се вози низ Ќерамидница

По отворање на мостот од Аеродром директно ќе може да се вози до булеварот „16-та македонска бригада“, кој води кон ресторанот „Дојрана“, како и кон бројните услужни објекти во Автокоманда, но исто така ќе се отвори и директен пат кон трговскиот центар „Ист Гејт“.

Пред десетина дена од Град Скопје информираа дека по околу пет години застој, одложувања и нерешени административни пречки околу експропријацијата на објекти, конечно започнуваат да се придвижуваат работите во однос на реализација и целосно пуштање на употреба на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој е предвиден да ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.

Мостовите што не водат никаде сѐ уште залудно „висат“ преку Вардар

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски тогаш информираше дека се завршени сите процеси на експропријација на имотите во Ќерамидница, со што, како што вели тој, се откочуваат работите за мостот зад Спортската сала „Јане Сандански“ и најави дека во наредните 60 дена треба да се воспостави целосен сообраќаен проток на возила.

„По завршувањето на подготвителните активности, средувањето на документацијата и преселувањето на жителите од објектите на трасата, се очекува во рок од 60 дена да се воспостави целосен сообраќаен проток“, информираше Ѓорѓиевски.

Сепак, иако тој изјави дека експропријациите се завршени, на една од претходните седници на Советот на Град Скопје, градоначалникот зборувајќи за сите активни проекти што се изведуваат низ главниот град, говореше и за мостот „Генерал Михајло Апостолски“, конкретно за проблемот со експропријацијата на објекти чии сопственици не сакаат да се спогодат и бараат суми поголеми од проценката на вредноста на имотот направена од Градот.

Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

Ѓорѓиевски тогаш изјави дека екипи на Градот веќе започнале да се спогодуваат со некои од преостанатите сопственици на имот што е дел од трасата каде што треба да се отвора улицата. Конкретно, тој соопшти дека има еден проблематичен случај помеѓу двајца браќа кои имаат куќи „лепенки“ кои ѝ пречат на трасата по која треба да се пробие булеварот.

Во овој случај, како што вели Ѓорѓиевски, едниот брат не сака да ја прифати цената што ја нуди Градот и бара енормно голема сума, поради што случајот во јуни ќе оди на суд.

– Владата дала пари за изградба, почнал да се гради, нема помрднување од мртва точка со експропријацијата. Во изминатиот период има неколку позиции каде што одиме со спогодба, каде што е разумно барањето на оние што треба да бидат експроприрани таму, но има и позиции каде што сме во судски постапки. Конкретно има едно семејство каде што со едниот брат е завршена експропријацијата, куќата е „лепенка“, смета на трасата. Другиот брат не сака да се согласи на сумата што Град Скопје ја утврдил со проценител, бара драстично поголема, речиси двојно од тоа, и тука решението е судот и првото рочиште за тоа е во јуни. Така што таму експропријацијата нема да се заврши, но важно ми е да го направам функционален – нагласи Ѓорѓиевски.

Нерешените експропријации се решаваат судски

Со оглед на тоа што рочиштата за нерешените постапки за експропријација се закажани за во јуни, како што информираат од Град Скопје за „Слободен печат“, мостот за два месеца ќе биде делумно проточен за сообраќај, односно возењето ќе се одвива преку мостот и по тесните улички низ населбата Ќерамидница, сѐ додека не се експроприраат имотите за да може да започне изградбата на планираниот булевар.

Сепак, со самото отворање на мостот од Аеродром директно ќе може да се вози до булеварот „16-та Македонска бригада“, кој води кон ресторанот „Дојрана“, како и кон бројните услужни објекти во Автокоманда, но исто така ќе се отвори и директен пат кон трговскиот центар „Ист Гејт“.

– Со потпишувањето на решенијата за експропријација на дел од објектите во населбата Ќерамидница, во непосредна близина на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, и по истекот на роковите за иселување на досегашните сопственици, ќе следува подготовка на соодветна техничка документација од сообраќаен и градежен аспект. Со реализацијата на овие активности е предвидено алтернативно, сообраќајно поврзување на мостот со постојната локална патна инфраструктура, со што ќе се овозможи директен и поефикасен проток на сообраќај кон булеварот „16-та Македонска бригада“ (кај Дојрана), како и кон сообраќајницата што води кон „Ист Гејт“, со што мостот ќе биде ставен во функција – соопштија од Град Скопје.

Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

Во однос на пробивањето на простор за булеварот кој треба да минува низ Ќерамидница, за неговата изградба ќе се чека исходот од суд, што директно влијае и на времетраењето и рокот на неговата реализација, која според проекциите на Градот, треба да биде готов до крајот на годинава.

– Во моментов се спроведуваат административните и имотно-правните постапки за булеварското решение, а динамиката на понатамошната реализација ќе зависи од нивното завршување и од подготовката на потребната проектна документација. По комплетирањето на овие фази, јавноста ќе биде дополнително информирана за роковите и почетокот на теренските активности. Сакаме да напоменеме дека проекциите ќе бидат реализирани до крајот на оваа година и оваа фаза ќе биде завршена- велат од Град Скопје.

Останува да видиме како за 50-тина дена ќе изгледа сообраќајот низ уличките во Ќерамидница, периодот за кога е најавено пуштањето во употреба на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, по што треба да „здивне“ сообраќајот и да се намали метежот по мостот „Беласица“ и булеварот „Србија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот