Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал, тврди Лукровски
Животот е борба исполнета со предизвици, но не затоа што е против нас, туку затоа што секој предизвик нè принудува да растеме, да учиме и да станеме посилни, објави на Фејсбук градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски по неговото враќање од боледување.
Препорачано
Изминатиот период за мене беше едно големо искушение. Се соочив со здравствен предизвик кој ме натера да сфатам дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш. Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период. Во ова искуство научив дека со трпение, истрајност, верба и поддршка, дури и најтешките битки можат да се добијат – вели Лукровски, кој конечно после два месеци „проговори“ преку социјалните мрежи.
Лукровски завршил со боледувањето, од вчера повторно го „презеде“ Карпош
Во своето јавно обраќање тој му се заблагодарува на заменикот Неделчо Крстевски за неговата професионалност и посветеност кон работата, на премиерот Христијан Мицкоски за човечноста, поддршката и помошта во неговата борба, благодарност упатува до неговиот тим, до сите вработени и советниците од Општина Карпош, како и до семејството, лекарите и сограѓаните.
Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со којшто одредени поединци и партии пробаа да дојдат до евтини политички поени на сметка на мојата состојба. Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал – тврди градоначалникот на Карпош.


