„Јас сум Зоки Малиот, кој те чека од негде да се појавиш“: Се огласи пријателот на Владо Јаневски од култната песна
По заминувањето на Владо Јаневски, се огласи и Зоки Малиот, познатиот скопски угостител и долгогодишен пријател на чаирскиот романтичар.
Препорачано
Сопственикот на кулното место „Џубокс“, се прости од својот пријател, евоцирајќи спомени поврзани со безвременските стихови и заедничките времиња.
„Го пишувам ова во име на и текстот подолу е негов“, напиша пријателката на Владо, Фросина Фро.

Зоки Малиот нагласува дека за него Владо не е заминат, туку засекогаш ќе остане присутен преку неговото творештво.
„Многу луѓе ме прашаа дали ќе напишеш проштално писмо до Владо и ќе го прочиташ. Јас колку што знам писмо се пишува за некој што е далеку, а ти не си. Ти си тука и вечно ќе бидеш тука меѓу нас“, напиша пријателот.
Пријателството кое со децении ги поврзуваше овие двa препознатливи скопски ликa беше синоним за една златна ера на Скопје, која е опишана во стиховите на песната „Евергрин“.
На фотографијата од младоста која е објавена, со Зоки и Владо е и Игор Џамбазов.
„Да бев глумец оваа тажна сцена ќе ја одглумев, да бев пејач како тебе ќе ја отпеев, ама не сум. Јас сум Зоки Малиот од ‘Џубокс’ кој те чека од негде да се појавиш“, пишува во дел од текстот.

На крајот, со верба дека музиката никогаш не умира, тој додава: „Ќе напишеш ти уште многу евергрини таму горе, а јас кога ќе дојдам ти спремам една. Патувај мирно мој пријателе.“
Владо во вечниот дом беше испратен денеска. Вчера, фанови се собраа пред Арената „Борис Трајковски“ да му оддадат почит пеејќи ги неговите хитови.


