ФОТО+ВИДЕО | Четири часа љубов и рокенрол: Владо Јаневски и Бајага ѝ приредија концерт за паметење на македонската публика за Денот на вљубените
Арената „Борис Трајковски“ вчеравечер беше исполнета до последното место за заедничкиот концерт на Владо Јаневски и Момчило Бајагиќ – Бајага. Во салата доминираа парови од различни возрасти, но и генерации фанови – од оние што ги следат со децении, до помлади посетители кои уживаат во музика од време кога регионалната сцена создаваше трајни хитови.
Препорачано
Концертот го отвори Владо Јаневски со песната „Напрај место“, по што следуваа „Парче душа“ и „Еден бакнеж“. Со „Компас“ публиката веќе беше целосно раздвижена и спремна за одличниот репертоар што пејачот го подготви за сите нас. Пред „Само дома си е дома“, Јаневски ја повика публиката да му помогне во изведбата, нарекувајќи ја „деветти член на бендот“, покана што салата ја прифати без двоумење.
Емотивната „Како вчера не ни било“ природно се вклопи во романтичната концепција на вечерта, а со „Откако си негова“ Јаневски се присети на концерт од 2019 година кога песната, иако штотуку објавена, публиката веќе ја знаела напамет. Набргу потоа следуваше „Да ми дојдеш на романтика“, во момент кога на видеобимот стоеше пораката „Добредојдовте на романтика“, визуелен детаљ што ја засили симболиката на Денот на вљубените и препознатлив романтичен израз на Јаневски.

Изведбата на „Тајна отровна“ доби посебна тежина кога Јаневски се присети на Сара Пројковска, долгогодишен придружен вокал и професорка по пијано, која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година. На сцената цела вечер беше и Ана Костадиновска, блиска соработничка и пријателка на Пројковска, која ги изведуваше придружните вокали.
„Оваа песна ѝ беше омилена на Сара и со љубов се сеќаваме на неа“, рече Јаневски.
По емотивниот сегмент, концертот повторно ја доби својата разиграна динамика. „Не те сакам“ и „Десет девојки“ ја раздвижија салата, а за „Повторно се заљубувам во тебе“ Јаневски откри дека била снимена „како од шега“, за да пополни простор на истоимениот албум од 2006 година, но подоцна неочекувано станала хит број еден.

Веселата атмосфера продолжи со „Нусе“ и „Мучо денаро“, по што следуваше враќање кон баладите. „Некогаш и негде“ одекна во еден глас, а „Ако не те сакам“ уште еднаш покажа зошто, и по повеќе од две децении, останува една од најсилните љубовни песни во македонската поп музика.
„Евергрин“, песна што многумина ја доживуваат како љубовна мапа на Скопје, ја продлабочи носталгичната нота, а „Од овој ден“, која бројни парови ја избираат за свој прв свадбен танц, ја засили симболиката на датумот.
Кулминацијата дојде со „Црно тиквешко“, кога публиката ги вклучи светлата од телефоните и арената се претвори во ѕвездено небо.

Владо Јаневски својот дел од концертот го заокружи со „Срце преку небото“, песна што и денес често одекнува во македонските клубови.
По кратка пауза, на сцената се појави Момчило Бајагиќ – Бајага, а својот дел го започна со „Град“ – симболичен избор за Денот на вљубените. „Ова е страшно голем град и затоа нема причина да бидеш сам во него“, одекнаа стиховите низ арената, во момент кога салата беше исполнета со парови и пријатели, кои ја славеа љубовта.
Темпото веднаш се засили со енергичната „Берлин“, по што следуваше „Са друге стране јастука“, песна на која публиката секогаш одлично реагира. Со „Добро јутро“ во салата се внесе дополнителна позитивна енергија, а и покрај доцниот час, атмосферата не стивнуваше.

Гитаристот Жика Миленковиќ повторно ја имаше улогата на главен комуникатор со публиката, зборувајќи исклучиво на македонски. Пред „Године пролазе“ ѝ се обрати на салата со зборовите: „Секогаш кога сме заедно пред себе секогаш имаме млада и убава публика, баш како што сте вие вечерва! Затоа, за нас времето е сопрено и воопшто не нè интересира тоа што годините минуваат. Дали ќе запееме заедно? Да ве слушнам… сите заедно пееме!“. Рефренот одекна во еден глас, а салата потврди дека генерациите се менуваат, но песните остануваат.
Во текот на целата вечер на видеобимот се појавуваа пораки како „Добредојдовте на романтика“ и „Животот вечерва е жолт“, стихови што ја опишуваа атмосферата на концертот – романтично и нималку „сиво“.
На бис, Бајага изведе дел од своите најубави балади, а една од нив ја отпеа само со клавијатуристот Александар Локнер, во поинтимна атмосфера што го заокружи четиричасовниот музички маратон.


