„Владо сакаше да најде љубов и да има дете“: Силвана Плевнеш емотивно за пријателот на настан во негова чест
Со насолзени очи и со свеќи во рацете, фановите на Владо Јаневски на глас ја пееја песната „Некогаш и негде“, еден од најголемите хитови на вечниот романтичар кој на 65 години, по кусо боледување, си замина во вечноста на 28 јуни.
Препорачано
Пред Арената „Борис Трајковски“ се собраа негови фанови од сите генерации, колеги и пријатели и секој имаше по некој свој спомен за човекот кој им подари песни на неговиот Чаир, на Скопје и на Македонија.
„Зад Владо, којшто, иако изгледаше навидум ладен, дистанциран, можеби осамен и далечен, се криеше исклучително емотивна душа. Послушајте му ги песните“, ни изјави Силвана Мучиќ-Плевнеш од „Силви бенд“.

„Се сеќавам на еден момент кога нашата Деа се роди и имаше околу шест или седум месеци, и на гости ни дојдоа Игор Џамбазов и Владо. Владо седеше така и Игор Џамбазов тогаш беше со Искра и така, седејќи заедно, Владо нè гледа и вели: ‘Види, Игор си ја најде Искра, Влатко си ја најде Сики, јас кога ќе си најдам една убава девојка, па види детеце што е убаво, само јас останав вака сам’. Толку беше сладок и нежен, отворен и искрен во тој момент, што онака јас знаев дека Владо е многу емотивна душа. Потоа најде една девојка и сите следни средби ни беа така, три пара и многу се дружевме. Го сакав многу, ќе го сакам и мислам дека навистина имаме што да паметиме. Паметам дека дојде на свадбата со Влатко и ми донесе 101 ружа“, со носталгија се присети Силви.

За својот пријател, пред фановите зборуваше и Влатко Плевнеш, неговиот голем пријател кој го следеше на сите настапи.
„Не ја прифаќам таа информација дека го нема, зашто во оваа сала требаше пак да свириме заедно. Тој не сакаше патетики, да го испратиме со неговите песни кои ќе останат засекогаш“, рече Плевнеш.

Тој додаде дека со Владо последен пат настапил на 8 април во Охрид, а потоа тој му ги откажал следните настапи на 10 и на 18 април, велејќи му дека не му е добро.
„Владо беше перфекционист и најмногу се грижеше за нас од бендот, дали сме расположени, дали сме среќни. Поважно му беше тоа отколку дали сме згрешиле некоја песна. Жално е што си замина еден таков човек, а остави песни што ќе се пеат со векови“, рече Стево Чепишевски, кој со Владо Јаневски ја делеше сцената како придружен вокал.

Специјално за настанот, од Белград дојде познатиот музичар Ѓорѓе Давид, кој ни изјави дека со Владо се видел пред два месеци во Гевгелија.
„Се запознав со Владо пред четири години, преку наш заеднички пријател во Гевгелија. Потоа, кога и да бев во Гевгелија, се среќавав со него и секогаш сакав да си поразговараме. Тој навиваше за тој мој пат со овие млади кандидати, македонски таленти коишто се појавуваа во ова натпреварување каде што сум член на жири. И зборувавме за тоа што треба да се направи за да им се даде светло, бидејќи се испостави дека Македонија навистина има толку талентирани луѓе.
Неговиот опус го знаев од порано. Секогаш беше расположен за вистински приказни. Последен пат го сретнав пред околу два месеци, во Гевгелија, не знаејќи воопшто дека го има тој здравствен проблем. Секогаш зборувавме за ведри работи и за музиката. Веста ме затекна во Белград и кога слушнав дека ќе се случи овој величенствен настан, се распрашав кај Огнен Здравковски и кај Јоце Панов, седнав во автомобил и дојдов. Го сакав затоа што беше перфекционист во секоја смисла на тој збор. И мислам дека е еден од ретките пејачи кој го негуваше својот бенд и којшто спрема својот бенд се однесуваше како спрема семејство. Тој став спрема мојот бенд го имам и јас“, изјави Ѓорѓе Давид за „Слободен печат“.
Тој додаде дека Владо Јаневски бил редок лик, а песните ќе останат да живеат.

Емотивен говор за Владо одржа Марко Марк, кој го водеше настанот.
„Постојат луѓе чии песни се слушаат. А постојат и луѓе чии песни се живеат. Владо Јаневски беше токму таков човек. Неговите песни не беа само мелодии. Тие беа спомени. Беа љубови. Беа разделби. Беа надеж. Беа дел од нашите најубави, но и најтешки мигови. Со нив растевме, се радувавме, тагувавме и сакавме. Малкумина успеваат со својот глас да станат дел од животот на еден народ. Владо го направи токму тоа. Со исклучителен талент, со префинет музички вкус и со редок авторски сензибилитет, тој создаде песни кои не припаѓаат само на едно време. Тие му припаѓаат на секој што некогаш сакал, чекал, сонувал или верувал“, рече водителот.
Обожавателите од сите генерации останаа на настанот што го иницираа, а го поддржа продукцијата „Прагма“, сеќавајќи се на песните на Владо, кој, како што рече Стево Чепишевски, не беше само музичар, туку и поет.


