Прва коска од диносаурус од Антарктикот пронајдена во фиока по 40 години
Фосил кој бил заборавен 41 година во фиока од геолошката колекција на Британскиот антарктички институт се покажа како прва коска од диносаурус пронајдена на Антарктикот, потврдија палеонтолозите, наведувајќи дека станува збор за опашен прешлен на титаносаурус, една од најголемите групи диносауруси што живееле на Земјата.
Препорачано
Фосилот е ископан во 1985 година на островот Џејмс Рос, но во тоа време не бил препознаен и бил ставен во геолошката колекција во Кембриџ, каде што останал неистражен со децении, пишува Би-би-си.
Неодамна, бил забележан меѓу илјадници примероци собрани за време на експедициите на Антарктикот од Марк Еванс, менаџерот на колекциите на Британската антарктичка служба.
– Само кога ќе почнете да се прашувате што има во една фиока, понекогаш наоѓате нешто што веднаш ви го привлекува вниманието – рекол Еванс.
Откритието првично го забележал геологот Мајк Томсон во својот теренски дневник на 9 декември 1985 година, опишувајќи го наодот како „прешлен на голем влекач“ широк околу 10 сантиметри.
Еванс верува дека истражувачите тогаш веројатно претпоставиле дека станува збор за морски влекач, но веднаш ги препознал карактеристиките типични за диносаурусите и го повикал палеонтологот Пол Барет од Природонаучниот музеј во Лондон за да го потврди откритието.
– Иако на прв поглед не изгледа посебно, овој фосил има многу препознатлива форма. Штом го видов, знаев дека е титаносаурус. Комбинацијата од овие карактеристики е единствена за таа група диносауруси – рекол Барет.
Досега, низ целиот свет се идентификувани повеќе од 100 видови титаносауруси.
Тие се четириножни тревопасни животни со долг врат и опашка, а најголемите примероци достигнале должина од повеќе од 35 метри и тежина од околу 60 тони.
Врз основа на големината на пронајдениот опашен прешлен, научниците проценуваат дека антарктичкиот титаносаурус бил долг околу седум метри.
Овој диносаурус живеел пред околу 82 милиони години, во доцниот креда период, кога Антарктикот бил покриен со бујни шуми и имал клима погодна за живот на бројни тревопасни животни.
Научниците истакнуваат дека откритието е значајно бидејќи придонесува за подобро разбирање на праисториските екосистеми на Антарктикот, каде што фосилните остатоци се исклучително ретки поради густата ледена покривка што ги покрива карпите.
– Ова откритие покажува дека областа што денес изгледа целосно ненаселива некогаш била богата со живот и дом на бројни животински видови. Ни помага да разбереме како овие организми функционирале во екосистемите на самиот југ од планетата пред околу 80 милиони години – рекол Барет.


