ФОТО | Репортажа — како само еден летен викенд поминат во Берово ми ја промени перцепцијата за одмор (засекогаш)
Берово ми беше на „радарот“ поодамна, затоа што последен пат го посетив пред повеќе од десет години. Немало некоја конкретна причина зошто не сум го направила поскоро, едноставно така требало да биде (а можеби и самата не сум била „подготвена“ да ме ресетира како сега).
Мојата прва посета на Берово пред десетина години беше во особено ладниот, зимско-јануарски период, а тоа патување го паметам по студот, прекрасната природа и чистиот воздух, потоа одличната храна, но и макотрпниот пат до таму. И нема да лажам, добро си поминав, ама не бев максимално импресионирана за одново да резервирам престој пак во скоро време, мислам дека студот ме „пресече“, беше навистина мноооогу ладно. Во меѓувреме станав мајка, па приоритетите за да изберам дестинација се променија, но не ја исклучувам и самата транзиција од дваесетите во триесетите години, која сама по себе налага почесто да бараш места во кои вистински ќе се одмориш за се чувствуваш „пожив“, наместо преферираната врева, популарни места (ака hotspots) и спектакли.
Препорачано
Се решивме да отпатуваме со семејството во Берово бидејќи зимово забележав објава од угостителски објект наречен „Ловен дом“, на која беа прикажани многу срни и зајчиња. Му ја покажав објавата на сопругот и му реков, е, тука треба да одиме на викенд, да подишеме чист воздух, да се подружиме со природата и животните и да си купиме локално сирење. Многу ме привлече пасторалната глетка да резевираме уште во јануари, ама никако не се случи. Од денешна перспектива, пресреќна сум што ни се случи „живот“ во меѓувреме, затоа што можеби немаше да знам што значи да го посетиш Берово во про(летен) период. Резервирав во „Ловен дом“, се спакувавме и така започна приказната за местото кое ми ја промени перцепцијата за летен одмор.
Убавината започнува пред финишот
Но, пред да ви опишам зошто Берово ме инспирираше до степен да напишам текст, морам да ви споделам дека изминатиов период, работата неколкупати ме носеше накај Штип и Кочани, и при секое возење натаму, глетките при возењето ми го ресетираа мозокот од убавината која ја впивав низ прозор.

Во целиот предел, но особено кај клучката Кадрифаково, доминираат брановидни ридови кои во зависност од сезоната менуваат боја. Од пролет до лето, призорот варира од златно-жолт до земјено-кафеав во есен и зима.

Воопшто не претерувам кога велам дека панорамата ви дава чувство на бесконечност затоа што небото изгледа огромно. Ова уживање е поголемо за совозачот, но секако ќе го почувствува и човекот зад воланот (или најискрено – за секој што вистински ќе си дозволи да го види, оти може и да не кренете глава од телефон – избор е).

Како што патот насочува кон Кочани и Виница, пејзажот нагло се менува во интензивно зелен и хидрографски богат, каде доминираат оризовите полиња (вистинското кочанско злато) и изгледаат како водени огледала. Накај Виница делува како да навигираш низ отворена долина со планини на хоризонтот, околината е врамена со Плачковица, Голак и Обозна.
Нуркање во зеленото море
Како што се приближувавме кон Берово, пејзажот стануваше сè попланински. Во Скопје беше прилично топло со температура од 30тина степени, но како што почнаа да доминираат првите појаси на букова и дабова шума, ја исклучивме климата во колата и ги отворивме прозорите.

И како што навлегувавме во планинската серпентина, воздухот стануваше посвеж и се попријатен. Толку сме напатени од секојдневниот, токсичен воздух во Скопје, што разликата веднаш се чувствува и добиваш нагон да (в)дишеш што подлабоко.

По два часа возење од Скопје, пристигнавме во „Ловен дом“, каде освен дружбата со животните и желбата да пробаме некој од нивните специјалитети (ми изгледаа особено вкусно на фотографиите) решивме и да преноќиме таму. На нивниот сајт, собите изгледаа комфортно и чисто, но и замислата, после ручек да се дружиш со животни, па да си дозволиш прошетка до плоштадот без да палиш кола оти е навистина блиску, а сепак во шума, ми звучеше многу привлечно. Плус, забележав дека во сумата за ноќевање има и опција за мекици со малешевско сирење во појадокот (многу сум пристрасна за мекици).

Само што го оставивме автомобилот на паркингот на „Ловен дом“, застанав за момент и разгледав наоколу, бидејќи имаше и зошто – само зеленило околу нас, а небото, посино не можеше да биде. Се чувствував како да ги плакнам очите со зелено море. Сега кога се навраќам на чувството, не треба ни да ме чуди. Беровскиот регион е официјално признаен како еден од најголемите „воздушни бањи“ на Балканот поради огромната шумска површина на белиот и црн бор, буката и дабот. Специфичните воздушни струења во околината генерираат највисока концентрација на кислород во Источна Европа. Колку богати не’ прави тоа?

Срни, диви јаготки и домашно сирење? Да, да, да!
Патувањето и свежиот, планински воздух не’ огладнеа, па само ги оставивме работите во апартманот и веднаш седнавме на ручек. Пространата, летна тераса на „Ловен дом“ е под прикриено сонце и придружена со благопријатен ветер.

Многу ни се допадна решението за сенка, бидејќи го чувствуваш сонцето без да „пржи“, а не си барикадиран под тешка настрешница. Од едната страна гледаш во дрвја, а другата ја краси беровскиот хоризонт.

Неколку чекори кон хоризонтот, забележав дека само неколку скалички го делат ресторанот од глетката поради која и се одлучивме за Берово и „Ловен дом“ – куп срнички и зајачиња. Не му открив веднаш на мојот двегодишен син дека десетина чекори го делат од искуството за кое знам дека ќе го возбуди, бидејќи можеби и немаше воопшто да руча 🙂

На менито имаше многу опции, но сакавме да се почастиме со ракија, салата и локално сирење, знаејќи дека нема да палиме кола до следниот ден.
Услугата беше брза, па за само неколку минути уживавме во неодоливо, домашно малешевско овчо сирење. Салатата беше со ВИСТИНСКИ домати, свежи краставици и крцкави пиперки, и ова го потенцирам бидејќи неретко сум разочарана од „пластичниот“ вкус на салатите низ Скопје.

Мезето го продолживме со лути печени пиперки со лук и крцкави тиквички, а сакајќи да прошарам, се полакомив по крцкава моцарела, бидејќи ова современо јадење имаше локален осврт – на менито пишуваше дека е со слатко од домашни, локални диви јаготки. Инстантно ми го „продадоа“ и многу ни се допадна. Еве како изгледаше.


Берово е прочуено по компирите, па кога на менито видов дека има помфрит, прашав: „вистински помфрит имате, или од оној, замрзнатиот?“. Епа, вистински имаат, и толку беше добар и вкусен што воопшто не ни извадив телефон да фотографирам.
Големите „јадачи“ се прејадоа уште пред да го нарачаат главното јадење, можеби беше уморот, ама, многу ни беше фино и решивме да се размрдаме и да појдеме кај срните. Мојот мал „тодлер“ беше воодушевен, а и како да не биде – видете ги колку се кротки и дружељубиви. Персоналот беше присутен кај животните, и многу пријателски настроен кон посетителите.



Откако се размазивме со срните (од кои две беа бебиња, родени само една недела пред да отидеме) и зајчињата, се мислевме за кое главно јадење да се одлучиме. Специјалитетите на куќата вклучуваат телешки мускул со сос од вргањ, свинска коленица со печурки и демиглас сос, ловечка плескавица од диво свинско месо во шумски сос, малешевско грне задушено во тесто, колбаси од диво месо, диво свинско печење со печени компири… Ние се одлучивме за свинско со праз и суви пиперки, и колбаси од диво месо, по препорака од куќата, откако им рековме дека не сме премногу гладни. Среќа, бидјеќи како да знаеја што навистина ни треба. Месото беше толку меко, а празот и сувите пиперки завршија на топлото лепче… Вистинско уживање.

На соседната маса слушнавме како пет од пет посетители го нарачаа истиот десерт, бабина торта, ја побарав на менито и си реков, во ред, сега сме прејадени, ама ќе ја пробаме утре.
Џагор, дрвја и сите ѕвезди на небото
По ручек-вечерата во, за мене, совршеното време за прошетка – самракот – се упативме кон градскиот плоштад, кој е на само десетина минути од „Ловен дом“.

Решив да не користам мапа и да прашам локалци дали сме на вистинскиот пат дотаму, кои очигледно не очекуваа такво прашање, па насмеани ми одговорија „па, еве тука е, само тука лево свртете, и тука е Берово, толкаво е местово“.

Не можев да им доловам колку всушност во тој момент ме радуваше што баш толку мало е Берово, што не ни треба кола и што можеме на „раат“ да прошетаме со дете, ослободени од константната сообраќајна врева.

Како што заоѓаше сонцето, така луѓето стануваа се побројни на главната улица. Ме пукна носталгија за времето кога бев дете и во летните квечерини сите некако живеевме на улица, зашто тука токму таква беше атмосферата. Угостителските објекти се полнеа, сите клупи на шеталиштето беа зафатени, а околу фонтаната во центарот, преовладуваше џагор и детска смеа.



Она што најмногу ме воодушеви е тоа колку дрвја има на главната улица и колку нивното присуство допринесува за да се чувствуваме добро. Не дека немаме дрвја во Скопје, ама дефинитивно, немаме доволно (ни приближно).


Берово има прекрасен шарм, улиците и градбите се автентични, луѓето се раздвижени, а на наше задоволство, во единствената продавница за играчки имаше само еден бахиосаурус, односно актуелната опсесија на син ми, и тоа за многу поволна цена. Си помислив, како е можно, баш еден диносаурус да имаат во цела продавница, и да биде токму оној со кој што син ми е опседнат? Син ми воодушевен, ние уште повеќе 😀


Местоположбата на Берово овозможува спектакуларно зајдисонце. Се упативме кон „Ловен дом“ за да се подготвиме за спиење, а јас, сакајќи да добијам информации на рецепција за појадокот, фатив неколку прекрасни моменти од глетката во објектот. Да не бев прејадена, ќе седнев да вечерам, атмосферата беше премногу пријатна.




Син ми заспа, како што се спие на планинско место – веднаш и спокојно. Морам да напоменам и дека бевме презадоволни од апартманот, кој имаше пространа туш-кабина, хигиената беше на ниво, плафоните беа повисоки од стандардните (и многу го израдуваа моето око) и имавме масичка и столчиња пред самиот објект. Излегов надвор да подишам чист воздух, ја кренав главата и погледот ми остана „фиксиран“ нагоре бидејќи над мене светеа сите ѕвезди на небото. Кога ќе се вратам, ќе зјапам повеќе, си ветувам.


Мекиците, најубавиот двор, езерото…
Вториот ден го започнавме со појадокот. Како што реков, ги меркав мекиците (и не се разочарав). Без да претерувам, тврдам дека ова се едни од најдобрите македонски мекици достапни на пазарот. Крцкави однадвор, меки одвнатре, ни мрсни – ни суви, пропратени со домашно сирење и ајвар… Нарачавме и две порции домашни јајца кои воопшто не не’ разочараа, а најдобриот момент во појадокот беше, фактот дека, доматите кои доаѓаат во прилог со јајцата, не беа декоративни, туку беа истите домати од салатата. Сочни, црвени, со оној мирис поради кои ги сакаме – мирис на вистински домати!

На само пет минути од „Ловен дом“ се наоѓа манастирот Свети Архангел Михаил изграден пред 200 години. Се упативме натака, немав некои особени очекувања; кога таму не’ пречека најсовршено средениот двор на манастир во кој сум зачекорила досега во Македонија. Немам што да ви раскажувам, ви оставам фотографии да видите за што зборувам, а подоле ќе оставам и фотографија од нивната чешма која ја красат три мозаици.





Бевме единствени посетители се’ до нашето заминување од објектот, кога се пресретнавме со други луѓе, и не, навистина не можам да го доловам спокојот кој го почувствував тука, се надевам ќе успеам да ви го пренесам преку уште неколку фотографии.





Моравме да се вратиме во Скопје до пладне, па немавме многу време за шетање, ама во „Ловен дом“ ни рекоа дека слаткото од диви јаготки можеме да си го купиме кај нив, но и од тезгите кај езерото. Но бидејќи кај нив беше распродадено, немаше воопшто размислување, се упативме накај езерото. Патот кон браната е во истата насока за мансторот Свети Архангел Михаил, односно, штом го одминавме манастирот, само седум километри не’ делеа од езерото, до кое се стигнува низ густа борова шума.
Штом пристигнавме, не’ пречекаа локалците со нивните деликатеси. Нема шанси да ви набројам што се’ можете да си купите, има многу работи, од ракија до мед, свежи сокови, различни слатки задоволства кои рачно ги произведуваат со плодовите кои растат во живописната околина.

Многу се пријателски расположени и искрено одговараат за производите што ги нудат. Јас барав мед или што и да би ми прпеорачале за респираторните предизвици кои се неизбежни во скопскиот зимски пакет загадениот воздух, ама ми рекоа дека немаат што да ми понудат за син ми. Со се’ теглите од диви јаготки, ми подарија и неколку шишенца сок од шумски плодови. Следен пат ќе си купам и од нив, ги пробавме кога веќе бевме дома, и беа повкусни и поосвежителни од кој било друг комерцијален пијалак низ продавнците.

Околу езерото и Малешевските Планини има дури пет пешачки патеки, а дел од нив може да се користат и за велосипедизам, додека постои и подолга трансверзала низ Малешевијата од 45 километри. И за тоа искуство ќе морам да се вратам пак, овојпат не носевме велосипеди. Го фативме патот да прошетаме по најголемата и најбезбедна патека, и луѓе, само триесет минути во овој зелен рај ми влијаеја како да сум ја добила најрелаксирачката масажа некогаш. Сега ќе сфатите и зошто:

Водиве се дом на пастрмкара, крапот, кленот и мрената. Туку, погледнете ја и оваа смарагдна боја на езерото, која е рефлексија на боровата шума…


Насмеани и опуштени од сета убавина, си купивме фини работи за дома, се поздравивме со локалците и се упативме кон „Ловен дом“.

Најдоброто за крај
Требаше да тргнеме накај Скопје, ама во „Ловен дом“ ни рекоа дека не смееме да заминеме без да го посетиме ранчот „Црвен брег“. Сите препораки до тој момент се покажаа како фантастични, па ги послушавме и се упативме кон ранчот, до кој се стигнува за само 5 минути со автомобил.

И таму, штом пристигнавме, мислам дека веќе не можев да дишам од убавина.
Не пречека еден магичен хоризонт, а додека го коментирав тоа, соптсвеникот на ранчот ми пријде и ми рече:
Тек да видиш во есен какво е, жолто-златно, надреално.
За момент се обидов да замислам, а потоа му одговорив: нема што да замислувам, само здравје, и секако ќе се видиме тогаш!





Во мојата глава беше врежано дека само во Западна Македонија може да се доживее спектакуларно искуство со јавање коњи – и ако не ја доживеев глетката со сопствените очи, ќе си продолжев да мислам така. Се дружевме со коњите, а дознавме и дека и во самиот ранч се подготвува капацитет за сместување. Кога ќе се вратиме да ја впиеме есента тука, ќе ви кажам што се променило.

Им благодариме на домаќините на ранчот за најдомаќинскиот пречек, со искуството на таткото Звонко и синот Кристијан, луѓе кои цел живот го посветиле на коњите, можете на тури низ Малешевијата, од кои најкратките траат еден час. Станува збор за навистина уникатно искуство, па доколку го посетите Берово, повеќе информации за нив ќе ви дадат во „Ловен дом“.
Опиени од убавина и зеленило, се вративме во „Ловен дом“ по работите. Моравме на ручек во Скопје, но не сакав да си отидеме без да ја вкусиме тортата за која што ви кажав погоре. Си ја нарачавме прочуената бабина тортата, лесна и засладена со слаткото од диви јаготки, препорачувам да ви биде прв сладок избор во Берово.

Ми беше жал што нема да ручаме уште еднаш во „Ловен дом“ за време на нашата прва посета, на пладне целиот капацитет се пополнува, но тоа е само уште една причина да се вратиме таму.

На паркингот, кој е од спротивната страна на ресторанот (а каде син ми се анимираше со рипање на трамболина и на кој и да му текна да ја стави таму, браво!) забележав дека ресторанот не е популарен само меѓу локалците, според регистарските таблички, популарен е и кај луѓе од други градови. Најмногу ми се допадна што имаат и паркинг за велосипеди, што е особено олеснувачки со оглед на тоа што, како што спомнав погоре, има одлични велосипедски патеки.

И повторно, не можам да доловам колку благодарна се чувствувам за тие кратки, слатки, зелени и неверојатно прекрасни 24 часа во Берово, и апсолутно сметам дека без домаќинлукот на „Ловен дом“ искуството немаше да биде толку фантастично.
За крај, морам да споделам дека следен пат дефинитивно ќе останам подолго, и ќе го посетам музејот на град Берово, сместен во прекрасна зграда во самиот центар на градот, во која била отворено првото народно училиште.

Ќе се вратам и за манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, дом на првото машко монаштво во Малешевијата, сместен под липите, како и црквата на плоштадот „Рождество на Пресвета Богородица“ за кои немаше време во оваа посета, а беровско езеро и ранчот „Црвен брег“ ќе ни бидат задолжителни во следната посета во секој случај.

Во еден викенд невозможно е да се види цела убавина, сметам дека ви требаат најмалку 4-5 дена, ама идејата дека можам да се враќам и да откривам нешто ново во секое доаѓање ми звучи уште подобро. Иако, овој викенд ме натера да сфатам дека Берово е супер опција и за летен одмор. Од колема помош е платформата Visit Berovo, на која можете да се информирате за активностите и природата во местото и околината, преку интерактивна мапа. На пример, преку платформава дознав дека на 28 август во Берово има Етно Плоштад Фестивал, кој важи за најголемиот етно фестивал на отворено во Македонија, заедно со интернационалниот саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, кој се одржува во склоп на фестивалот. Мислам дека ќе го посетиме.

Ми остана во мисла и да тркнеме до Ратево, беровско село кое во јануари е домаќин на карневал на традиционални маски стар најмалку 1000 години, „Ратевски бамбури“. Но, во во летна сезона, би сакала да ја видиме куќата каде престојувала култната Мис Стон, иако знам дека куќата е во многу лоша состојба. Не остана време, ќе појдеме следен пат. Свесна сум дека досега имало многу неуспешни иницијативи, но искрено сакам да верувам дека ако одиме што повеќе туристи, ја фотографираме и ја споделуваме, можеби ќе бидеме причината за нова, успешна иницијатива за оживување на куќата-спомен на Мис Стон во Ратево (во друга држава би била музеј и би се наплаќало музеј).

Во следата посета на Берово ќе пробам и специјалитети од други култни места за јадење во градот, но без сомнеж, ќе му се вратам на „Ловен дом“ и ќе биде мојот прв избор и препорака за магичното место во кое секој денар е вредно потрошен денар затоа што исксуството не може и не треба да се мери со ниту еден поскап аранжман таму некаде. Берово не е Швајцарија, Италија или Франција – за нас, Берово е, и треба да биде многу повеќе од тоа.


