Илустративна фотографија / Фото: Pexels

ВИДЕО | „Веспа“ прослави 80 години — илјадници возачи продефилираа низ улиците на Рим

Шарена колона од легендарните скутери „Веспа“ викендов ги исполни улиците на историскиот центар на Рим, каде околу 25.000 возачи од 67 земји се собраа за да одбележат 80 години од постоењето на еден од најпознатите италијански брендови, пишува „Еуроњуз“.

Четиридневната манифестација „Веспа Рим 2026 – 80 години на една икона“, која се одржуваше од 25 до 28 јуни, ја претвори италијанската престолнина во светски центар на мото-културата.

Највпечатливиот момент од прославата беше големата парада што се одржа во саботата наутро. Градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери, официјално го означи почетокот на дефилето, предводено од претседателите на клубовите на „Веспа“ од сите 67 земји учеснички.

Колоната тргна од Каракалините бањи, помина покрај Колосеумот, Олтарот на татковината на Плоштадот Венеција, а потоа продолжи покрај Империјалните форуми, поздравена со аплаузи и блицевите на илјадници жители и туристи.

Главните ѕвезди на парадата беа повеќе од 160 модели на „Веспа“, кои ја претставија историјата на брендот од 1946 година до денес. Посетителите можеа да ги видат исклучително ретките примероци од првата серија, меѓу кои и историската „Веспа 98“, како и легендарните модели со ниско поставен фар од 1950-тите, препознатливите модели од 1960-тите, но и популарните ЕТ3, ГТР, Рали, ПИ-ИКС, сè до современите Примавера и Џи-ти-ес.

На собирот учествуваа и ентузијасти кои поминале илјадници километри за да бидат дел од јубилејот. Некои ја испратиле својата „Веспа“ од Соединетите Американски Држави во Германија, а потоа преку Австрија пристигнале во Рим.

Елизабет Хусман, која допатувала од Чиле, изјави дека ваквите собири ја обединуваат страста на љубителите на скутерите.

„За нас што ја сакаме ‘Веспа’, а и за сите што живеат во светот на моторите, настан од вакви размери ја обединува страста на сите. Ова е собир на кој можете да запознаете луѓе од целиот свет, поврзани од еден скутер кој како да има сопствена душа“, рече таа.

Италијанецот Андреа Муско вели дека „Веспа“ за него е многу повеќе од превозно средство.

„За мене ‘Веспа’ е начин на живот. Таа е чувство на безгрижност, уживање во моментот и во пејзажите. Тоа значи да се живее полека, слободно и спокојно“, изјави тој.

Прославата продолжи и во „Веспа Вилиџ“, поставен на стадионот „Стадио деи Марми“ во комплексот Форо Италико, каде посетителите бесплатно уживаа во богата забавна програма, концерти во живо, изложби и поставка со историски и ретки модели од музејот на „Пјаџо“, како и најновите модели на брендот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот