Електронски нос / Фото: Brandon Sánchez-Mejia/UC Berkeley / Ferrari / Profimedia

„Еј, брокулата наскоро ќе ти се расипе“ — електронски нос може да намириса кога храната е расипана

Мирисањето на храната и пијалаците е најчестиот начин за проверка дали нешто се расипало или сè уште е безбедно за употреба.

Сепак, човечкиот нос не секогаш може да ги забележи и препознае сите мириси. Поради тоа, инженерите развиле „електронски нос“ што ги детектира мирисите на расипана храна, но и алергените, соопшти Универзитетот во Беркли при Калифорнискиот универзитет.

„Електронскиот нос“ е опишан во студија објавена во научното списание „Саенс адвансес“.

– Мислам дека паметните фрижидери, опремени со сензори што можат да се контролираат преку мобилен телефон, би биле одлична примена на оваа технологија. Колку би било корисно вашиот фрижидер да ви каже: „Еј, брокулата наскоро ќе ти се расипе, па веројатно треба да ја изедеш“, или: „Денес е последниот ден за твоето пилешко месо“ – рекла Карла Бејзил, докторанд по електротехника и компјутерски науки на Беркли и главна авторка на студијата.

Новиот вештачки нос се состои од низа од 16 минијатурни гасни сензори, од кои секој е чувствителен на малку поинаква комбинација на гасни соединенија.

– Можете да го замислите како збир од дигитални рецептори за вкус, при што секој сензор на овој чип реагира на единствен начин на различни молекули на гас. Секој од овие 16 сензори има различен сензорски слој и функционира така што ги претвора хемиските реакции меѓу површината на сензорот и молекулите на гасот во електрични сигнали – објаснила Бејзил претставувајќи го своето истражување.

Користејќи машинско учење, Бејзил обучила модел да ги препознава профилите на одговор на сензорите поврзани со седум различни прехранбени производи: јагода, боровинка, банана, орев, лешник, индиски орев и кикиритки.

Исто така, го обучила да го препознава мирисот на свежо сурово пилешко месо, млеко и јајца, како и нивниот мирис откако биле оставени на собна температура 24 и 48 часа.

Носот е доволно чувствителен за да детектира само 0,05 грама изолиран орев, што е приближно стотина од просечен излупен орев.

Сепак, сè уште не е испитана чувствителноста на уредот во средини каде што се присутни и други гасови, на пример кога оревите се дел од салата или торта, или кога расипаната храна се наоѓа во фрижидер заедно со други намирници.

Иако концептот на електронски нос постои уште од 1980-тите години, развојот и пошироката примена на оваа технологија се покажале како сложен предизвик. Поединечните гасни сензори, како оние што се користат во домашните детектори за јаглерод моноксид, се релативно лесни за производство. Но интегрирањето на повеќе различни сензорски слоеви на еден единствен чип претставува значително потешка задача.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот