Елена Ристеска се прости од Владо Јаневски: „Ќе ми недостигаат нашите разговори за книги, музика и живот“
Македонската пејачка Елена Ристеска се прости од својот колега Владо Јаневски со емотивна објава на социјалните мрежи, споделувајќи спомени од нивното долгогодишно пријателство.
Препорачано
Таа напиша дека ќе ѝ недостигаат разговорите што ги воделе за книги, музика, животот и професијата, како и нивните дружби.
„Ќе ми недостигаш Владе, ќе ми недостигаат нашите разговори за книги и автори, за музика, за животот, за нашата професија, нашите дружби…“, напиша Ристеска.

Елена откри дека пред неколку месеци се сретнале на кафе, но дека останале со договор повторно да се видат и да ги продолжат разговорите.
„Иако се видовме на кафе пред неколку месеци, пак останавме недоречени, ама договорени да се доискажеме на следна средба која очигледно нема никогаш да се случи“, стои во нејзината објава.

Таа му се заблагодари за сите совети, разговори, книги и песни што ги споделиле низ годините, додавајќи дека ќе ѝ недостига и неговиот препознатлив хумор.
„Фала ти за сѐ, за секој совет, за секој збор и мудрост, за секоја средба, за секоја книга споделена, за секоја песна…“, напиша пејачката.
На крајот од објавата откри дека како дете омилена песна ѝ била „Корпичка“ од групата „Ластовица“, во која членуваше Јаневски.
Да потсетиме, Владо Јаневски почина синоќа, на 65-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники.
Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови.


