ФОТО+ВИДЕО | Кејт Мидлтон ги искачи трите највисоки врва во Велика Британија: „Ракот не го погодува само телото“

Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, сподели емотивна порака за тоа како дијагнозата на рак влијае врз животот на пациентите, откривајќи дека успешно го завршила познатиот британски планинарски предизвик „Нешнал Три Пикс Челинџ“ за да го истражи животот по дијагнозата и да ја подигне свеста за важноста на сеопфатната грижа за заболените.

На Инстаграм, 44-годишната Кејт објави фотографија од врвот Бен Невис во Шкотска и ја отвори душата за својата борба со болеста.

„Ракот не го погодува само телото. Го менува начинот на кој размислувате и чувствувате и длабоко влијае на секој аспект од животот“, напиша таа.

Принцезата порача дека секоја година стотици илјади луѓе ја слушаат дијагнозата што никој не сака да ја чуе.

„Она што следува е патување што го става на испит секој дел од нас – физички, емоционално, психолошки и духовно. Предизвиците се прелеваат и врз семејството, пријателствата, работата и оние тивки моменти што ги поминуваме сами со своите мисли“, напиша Кејт.

Таа истакна дека зборува од лично искуство и дека патот низ лекувањето и закрепнувањето бара многу повеќе од самите лекови.

Фото: Инстаграм/Официјалниот профил на принцот Вилијам и принцезата Кетрин

Да потсетиме, во март 2024 година Кејт откри дека се лекува од рак по операција на абдоменот. Во септември истата година соопшти дека ја завршила хемотерапијата, а во јануари 2025 година објави дека болеста е во ремисија. Видот на ракот никогаш не беше јавно откриен.

Во рамки на предизвикот „Нешнал Три Пикс Челинџ“, Кејт за помалку од 24 часа ги искачи трите највисоки врва во Шкотска, Англија и Велс – Бен Невис, Скафел Пајк и Сноудон. По последното искачување, на Сноудон, ја пречекаа нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, нивните три деца – принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис – како и нејзините родители Керол и Мајкл Мидлтон и братот Џејмс, потврди Кенсингтонската палата.

Нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, уште во мај во ретко интервју зборуваше за нејзиното закрепнување, нагласувајќи колку таа е важна за нивното семејство.

„Таа е неверојатна мајка и сопруга, а нашето семејство буквално не би можело без неа. Беше апсолутно извонредна. Особено многу помина во последните неколку години“, изјави Вилијам.

Кејт објасни дека се одлучила на овој предизвик за да ја подигне свеста за подлабокото влијание што тешката болест го има врз човекот и за важноста на холистичкиот пристап во лекувањето.

„Го прифатив овој предизвик не само како физички подвиг, туку и како можност да го истражам животот по дијагнозата и да ѝ вратам нешто на заедницата“, порача таа.

Во видеопорака дополнително ги објасни своите мотиви.

„Луѓето ме прашуваа зошто го правам ова. Дел од одговорот е личен. Неизмерно сум благодарна што сум овде и што сум доволно силна да ги искачувам овие планини. Но, уште поважно е што сакам да ѝ вратам нешто на заедницата“, рече Кејт.

Со предизвикот се собираат средства за добротворната организација „Ројал Марсден Кенсер Черити“, со цел да се прошири пристапот до холистичка грижа за пациентите со рак низ Обединетото Кралство.

Според принцезата, средствата ќе помогнат и во истражувањата за тоа како ваквиот пристап најдобро може да се комбинира со клиничкото лекување, за пациентите да добијат целосна поддршка во текот на лекувањето.

„Целта е да се создаде модел според кој оваа дополнителна грижа ќе стане стандарден дел од лекувањето на ракот на национално ниво“, напиша таа.

Кејт нагласи дека секој пациент има различно искуство и дека холистичката грижа им помага на луѓето подобро да се справат со длабоко личниот предизвик што го носи дијагнозата.

„Холистичките терапии го надополнуваат клиничкото лекување и им помагаат на пациентите да ја зачуваат својата благосостојба, отпорност и квалитет на живот во исклучително тежок период“, истакна таа.

Пораката ја заврши со зборови на надеж.

„Исцелувањето, без разлика дали е лично или заедничко, не значи само да го поправиме она што не е во ред. Тоа значи да најдеме рамнотежа во начинот на кој живееме – меѓу напорот и прифаќањето, контролата и довербата, размислувањето и едноставното постоење. Затоа што, на крајот, храброста не е само да продолжите напред. Храброст е да знаете како да останете приземјени, поврзани и присутни, без оглед на патот по кој чекорите.“

На крајот испрати порака до сите што се борат со ракот: „Заедно можеме да застанеме покрај секој што се соочува со оваа болест и да се погрижиме никој да не се чувствува невидлив или без поддршка. Ве молам, знајте дека не сте сами.“

ФОТО | Петнаесет години по свадбата што ја гледаше целиот свет, Вилијам и Кејт денеска ја обележаа годишнината со прекрасна фотографија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот