Ефремовски: Со дисциплинирана игра до позитивен резултат против Ирска
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација продолжува со подготовките за јулскиот ФИБА „прозорец“ во претквалификациите за Европското првенство 2029 година, а пред првиот предизвик против Ирска, оптимизам и максимална посветеност владеат во таборот на „црвено-жолтите“.
Препорачано
Еден од играчите од кои се очекува значаен придонес е Виктор Ефремовски, кој го дочека овој циклус како најдобар стрелец во МТЕЛ Супер лигата, а добрата форма ја потврди и на контролниот натпревар против Бугарија во Скопје. Бек-шутерот говори за досегашниот тек на подготовките, работата на тимот и очекувањата пред дуелот со Ирска кој е закажан за 2 јули во салата „Лазар Лечиќ“.
– Подготовките досега се одвиваат одлично. Работиме напорно на секој тренинг и мислам дека од ден на ден изгледаме подобро. Атмосферата е навистина добра, сите сме максимално посветени и верувам дека до почетокот на натпреварите ќе бидеме целосно подготвени – вели Ефремовски.
Македонија во продолжението од претквалификациите ќе има важна задача – да ја задржи првата позиција во групата „А“. За тоа ќе биде потребна максимална концентрација уште на првиот натпревар. „Црвено-жолтите“ продолжуваат со тренинзите, а главниот предизвик е дуелот со Ирска, кој ќе биде прв чекор кон потврдување на амбициите во овој циклус.
– Нè очекува важен натпревар против Ирска и свесни сме дека нема да биде лесно. Тие доаѓаат со пет-шест нови играчи, па сигурно ќе има промени во нивната игра. Нашиот фокус е на нашата игра и на тоа да го дадеме максимумот. Ако одиграме дисциплинирано и ги исполниме задачите од селекторот, верувам дека можеме до позитивен резултат и до остварување на нашата цел – рече македонскиот репрезентативец.
Подмладена Ирска со шест дебитанти доаѓа на мегдан со Македонија во Скопје


