Подмладена Ирска со шест дебитанти доаѓа на мегдан со Македонија во Скопје
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација на 2 јули во Скопје ќе ја пречека Ирска во натпревар од претквалификациите за Евробаскет 2029, а гостите ќе настапат со значително подмладен состав. Селекторот Мајкл Бри во конечниот список од 12 кошаркари вклучи дури шест дебитанти, со што јасно најавува почеток на нов циклус во ирската репрезентација.
Препорачано
Најголемиот дел од новите имиња доаѓаат од американската колеџ-кошарка. Петмина од дебитантите настапуваат во НЦАА и се на возраст меѓу 20 и 21 година, додека шестиот новајлија е натурализираниот центар Бен Стивенс, роден во Канада. Македонската публика добро го памети Стивенс од настапите за Вардар, каде остави позитивен впечаток пред кариерата да ја продолжи во германскиот Кобленц.
Во споредба со составот што настапи против Македонија во Даблин на 30 ноември, Ирците задржаа само тројца кошаркари – Буивидас, Флуд и Алаџики, што дополнително ја потврдува големата реконструкција на тимот.
Интересен е и планот за подготовките на Ирска. Репрезентацијата дел од тренажниот процес ќе го реализира во Лос Анџелес, каде на 28 јуни ќе одигра пријателски натпревар против Ерменија. Од Соединетите Американски Држави експедицијата директно ќе допатува во Скопје за дуелот со Македонија, а потоа ќе отпатува во Баку, каде на 5 јули ќе се соочи со Азербејџан.
За македонската репрезентација претстојниот натпревар има големо резултатско значење. Евентуална победа над Ирска би значела заверка на првото место во групата и обезбедување пласман во следната фаза од претквалификациите за Евробаскет 2029. Во таков случај, последниот натпревар на гостински терен против Луксембург би бил без резултатско значење.


