САД и Иран се договориле да не се напаѓаат — бродови ќе пловат по Ормускиот Теснец
Соединетите Американски Држави и Иран се договориле да ги прекинат воените активности по меѓусебните напади во изминатите неколку дена, јавува Би-би-си повикувајќи се на американски официјален претставник.
Препорачано
Ова следува по неколкуте напади во и околу Ормутскиот Теснец, кои кулминираа со меѓусебни обвинувања дека двете земји го прекршиле договорениот прекин на огнот.
Бродовите отсега ќе можат „слободно“ да пловат низ теснецот и ќе продолжат обновените разговори, кои се насочени да се стави крај на војната, посочува американскиот претставник.
За време на викендот, САД возвратија со серија напади врз Иран, погодувајќи повеќе цели во она што Американската централна команда (CENTCOM) го опиша како директен одговор на „континуираната агресија“ врз трговските бродови.
Во саботата, Иран возврати со напади врз американски бази во Кувајт и Бахреин. САД соопштија дека ниту еден од тие напади не ја погодил целта и дека нема жртви ниту материјална штета.
Ормутскиот Теснец е клучен поморски премин за транспорт на нафта и природен гас и беше практично затворен од Техеран откако САД и Израел извршија напади врз Иран кон крајот на февруари.
Во петокот, САД посредуваа и во потпишувањето на рамковен договор меѓу Израел и Либан, чија цел е да го отвори патот кон траен мир.
Но, поради тековните судири меѓу израелските сили и проиранската група Хезболах во јужен Либан, и тој прекин на огнот изгледаше нестабилен.
Лидерот на милитантната група Хезболах од Либан го отфрли договорот и ја обвини владата во Бејрут дека го поткопува суверенитетот на Либан.
Во неделата, два дена по потпишувањето на договорот, израелската армија соопшти дека погодила тунел долг 200 метри во јужен Либан, кој, според неа, го користел Хезболах и во кој имало стотици парчиња оружје.
Според заедничко соопштение на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац, САД биле однапред информирани за нападот.
Иран засега не ги коментирал извештаите дека се согласил да ги запре нападите во Ормутскиот Теснец.
На 17 јуни, САД и Иран потпишаа Меморандум за разбирање од 14 точки, кој предвидуваше „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови“.
Како дел од меморандумот, Иран се обврза дека ќе ги вложи своите „максимални напори за безбедно поминување на трговските бродови без никакви давачки во период од 60 дена“. Но, прекинот на огнот, договорен пред помалку од две недели, во последните денови беше доведен во прашање поради обновените напади од двете страни.
САД го нападна Иран — оттаму најавија дека ќе одговорат „брзо и решително“


