Германија предлага радикални пензиски реформи — дали Австрија ќе го следи примерот?
Германија предлага длабоки пензиски реформи, повисока старосна граница поврзана со животниот век и задолжителен капитален фонд, додека Австрија засега се задржува на ограничени измени. Дебатата во Берлин може да стане модел и за идните реформи на австрискиот пензиски систем.
Германската политика ja отвори една од најважните општествени дебати во последните години, како да се обезбеди одржлив пензиски систем во услови на стареење на населението.
Препорачано
Додека во Австрија владата засега се ограничува на помали корекции и на постепено стегање на правилата за предвремено пензионирање, во Германија на маса се најдоа далеку посеопфатни предлози. Меѓу нив се издвојуваат две идеи кои би можеле да имаат значење и за Австрија, поврзување на старосната граница за пензија со животниот век и воведување задолжителен капитален фонд како дополнување на државниот пензиски систем.
Подолго работење како одговор на подолгиот живот
Една од клучните препораки на германската пензиска комисија е од 2031 година старосната граница за пензионирање да се усогласува со порастот на животниот век.
Според предложениот модел, ако просечниот животен век се зголеми за една година, работниот век би се продолжил за осум месеци, а четири дополнителни месеци би се поминувале во пензија.
Пресметките покажуваат дека ако сличен модел се примени во Австрија, старосната граница до средината на векот би можела да достигне околу 67 години за мажите и жените. Поддржувачите на идејата сметаат дека ваквиот пристап е логичен бидејќи го зачувува односот меѓу годините поминати на работа и годините поминати во пензија. Тие предупредуваат дека без дополнителни мерки, трошоците за пензии ќе продолжат да растат и се потешко ќе можат да се финансираат од државните буџети.
Но, критичарите предупредуваат дека ваквата формула не ги зема предвид разликите меѓу различните општествени групи. Лицата со повисоки приходи и подобро образование во просек живеат подолго од луѓето со пониски примања. Тоа значи дека тие не само што подолго ќе работат, туку и подолго ќе уживаат во пензијата. Според противниците на реформата, на тој начин може да се создаде дополнителна нееднаквост во системот.
Капитален фонд наместо целосна зависност од придонесите
Втората голема германска идеја е воведување капитална пензија. Наместо целосно потпирање на сегашниот модел во кој работниците преку придонеси ги финансираат актуелните пензионери, дел од средствата би се инвестирале на финансиските пазари преку јавен фонд.
Планот предвидува зголемување на придонесите за два процентни поени, а собраните средства да се вложуваат во акции и во обврзници. За секој осигуреник би се формирала индивидуална капитална сметка од која подоцна би се исплаќал дел од пензијата.
Германските пресметки покажуваат дека по неколку децении штедење, овој столб би можел значително да го зголеми месечниот пензиски приход.
Поддржувачите на концептот укажуваат дека финансиските пазари историски носат повисоки приноси од класичните државни пензиски системи. Според некои анализи, долгорочните приноси од инвестиции во акции и во обврзници значително ги надминувале приносите што граѓаните ги добивале преку традиционалното пензиско осигурување.
На тој начин би се намалил и притисокот врз идните генерации работници, кои денес мораат да издржуваат се поголем број пензионери.
Големи можности, но и сериозни ризици
Иако двата предлога имаат економска логика, нивната политичка реализација е далеку од сигурна.
Во Австрија веќе постои силен отпор кон секое дополнително покачување на старосната граница за пензионирање. Синдикатите предупредуваат дека многу работници во физички напорни професии тешко можат да останат активни до подоцнежна возраст.
Слични дилеми постојат и околу капиталниот фонд. За негово финансирање би биле потребни повисоки придонеси, што директно би ги намалило расположливите приходи на вработените и би ги зголемило трошоците за работодавачите.
Дополнително, финансиските пазари не гарантираат постојан раст. Историјата покажува дека периоди на високи приноси можат да бидат проследени со големи загуби, особено за време на економски и финансиски кризи.
Токму затоа германската дебата внимателно се следи и во Австрија. Двете држави се соочуваат со сличен демографски предизвик, се повеќе пензионери и се помал број луѓе кои плаќаат придонеси.
Прашањето повеќе не е дали ќе бидат потребни нови реформи, туку кога и во каква форма тие ќе станат политички прифатливи.
Одлуките што Германија ќе ги донесе во наредните месеци би можеле да станат важен показател и за идната насока на австриската пензиска политика.


