Патот кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ - Филип Николов

Општината со молк се обидува да ги стави „под тепих“ пропустите за Теферич

На последната седница на Советот на Општина Кисела Вода, повеќе советници од опозицискиот блок обвинија за нетранспарентност на локалната самоуправа, која сè уште го нема јавно објавено последниот изведувач на реконструкцијата на патот, ниту пак проектот и фирмата што правела надзор на изведбата, а Општината избегнува да спомене и колку оваа тотално неуспешна реконструкција ги чинела жителите.

Проблематичниот и опасен пат што води кон населбата Теферич во Кисела Вода повеќе од четири месеци е надвор од функција и има забрана за сообраќај поради огромното свлекување на земјата со што тенкиот слој асфалт е целосно распукан и пропаднат, а дупките, според анализите на експертите од Градежен факултет, се подлабоки од еден метар.

Патот кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

По инцидентот, локалната самоуправа веднаш побара помош од Градежниот факултет, чии експерти излегоа на терен и направија увид, а потоа и Извештај од увидот што беше испратен до Општина Кисела Вода. Според нашите информации, извештајот го прогласил свлечиштето како опасно и активно, односно со тенденција да се прошири, што по еден месец и се случи.

Дупките не се покриени, Теферич „тоне“

Освен ова, во извештајот експертите ѝ дале налог на Општината да ги покрие огромните дупки со цел да се спречи влегување на вода во земјата, но кога „Слободен печат“ отиде на терен, патот си зјаеше и немаше ниту една затворена или покриена дупка.

Во правец од Припор надолу кон Кисела Вода, на 100-тина метри пред свлечиштето патот е затворен за понатамошен тек на возила, но интересно е што наместо знаци, барикади или столбови, патот е блокиран со натапкана земја и сено.

Патот кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Откако го поминавме купот сено и се спуштивме надолу кон свлечиштето, веднаш можеше да се забележи дека ситуацијата е повторно влошена, патот е „проголтан“, а на одредени места исчезнати се и рабниците.

Дупките се огромни, а пукнатините се прошируваат и на „здравиот“ дел од коловозот, додека, пак, каде што е оштетено, пукнатините се длабоки повеќе од еден метар, а свлекувањето има одземено повеќе од 20 метри во должина на улицата.

Додека Општината бара трајно решение за Теферич, жителите се „отцепени“ од градот

Сепак, четири месеци подоцна, иако сликите се катастрофални и застрашувачки, а од Општина Кисела Вода освен две посети на патот, од кои една беше евидентирана кога градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска ѕиркаше надолу во дупката, од локалната самоуправа очигледно нема никаква реакција или индиција дека во тек се одредени подготовки за поправката на патот, за кој на последната седница на Советот на Кисела Вода беше донесена одлука за прифаќање донација за геомеханички испитувања.

Советниците бараат одговори, Општината молчи

Повеќе советници од опозицискиот блок на претресот пред гласањето на оваа одлука земаа збор и претежно говореа за една работа, а тоа беше нетранспарентноста на Општината, која сè уште го нема јавно објавено последниот изведувач на реконструкцијата на патот, ниту, пак, проектот и фирмата што правела надзор на изведбата, а Општината избегнува да спомене и колку оваа тотално неуспешна реконструкција ги чинела жителите.

Патот кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Советничката Роза Андова од СДСМ потенцираше дека граѓаните бараат одговорност, а не донација, при што таа побара јавно да се објави колку пари досега се дадени на реконструкцијата на патот, кој повторно е пропаднат и надвор од функција.

– Граѓаните бараат одговорност, а не донација. Колку многу финансии се досега истурени на тој пат. Педантно, да ни извадите и да ни доставите извештај за тој пат колку пари се потрошени и повторно е во ваква состојба. Донацијата за нас значи тендер, тој ќе ви донира, а вие ќе му дадете маркица за градба и да учествува во институции – изјави Андова.

Таа обвини дека Општината ги става „под тепих“ информациите и деталите од последната реконструкција на патот во 2025 година и додаде дека локалната самоуправа не може да прими донација за Теферич сѐ додека претходно не даде одговор кој згрешил и кој е одговорен за овој колапс на патот.

– Доста ги покривате работите под тепих и функционирате како да живеете помеѓу неинтелигентно население што не разбира и население што не може да ве следи. Од сите страни, за сите проблеми ви поставуваат прашања од жителите, кои бараат да ставите приоритети во општинското работење, особено да одговорите што ќе правите во однос на патот кон Теферич, не може вие да покриете сѐ што се случило претходно. Не може да примиме донација за овој пат сѐ додека претходно не дадете одговор кој згрешил, каде згрешил и колку пари потрошил – подвлече советничката.

Опасно се шири свлечиштето кај Теферич, експертите ѝ наложиле на Општината итно да реагира

Андова потенцираше дека наместо, како што вели, паради, донации и сликање, граѓаните бараат одговорност за неуспешната санација на овој коловоз.

Давид Бошковски од Левица, исто така, соопшти дека во два наврата, преку говорница и преку барање за пристап до информации од јавен карактер се обидел да добие одговори и детали од последната реконструкција на патот кон Теферич, кои не му биле доставени.

– На 27 март беше поставено советничко прашање за документацијата за патот кон Теферич, а до денес нема ништо од тоа, поминати се три месеци. Дополнително, на 4 јуни е поднесено барање за пристап до информации од јавен карактер на кое е поминат рокот. За ова институционално ќе се бориме и кој крие јавни информации, за тоа ќе одговара. Ја поддржуваме донацијата затоа што дефинитивно е потребно геомеханичко истражување за конечно да најдеме што е проблемот и како да се реши. Сепак, истата донација остава впечаток дека нешто се затскрива. Оваа улица се реконструира повеќе пати, конечно е време еднаш засекогаш да се реши овој проблем – посочи советникот.

Патот кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Бошковски од говорница повторно побара одговор на прашањата по кој проект е реконструирана улицата, кој е проектантот и надзорот и какви се геомеханичките истражувања што се направени да се да изврши реконструкцијата на патот кон Теферич.

– Бараме одговори за прашањата. Ако власта нема што да крие, нема зошто да се плаши и овие информации да ги даде јавно и граѓаните ќе одлучат како биле трошени нивните пари – вели Бошковски.

ЦУК уште во декември предупредил дека патот кон Теферич е опасен и има ризик за свлечиште

Советниците побараа објаснување од каде е донацијата, кој ја нуди и зошто во точката не е наведено детално за која компанија се работи.

На оваа тема, од Општина Кисела Вода ни одговорија дека донацијата што ја изгласаа советниците е од компанијата „Геодизајн инженеринг“, која ќе ги изврши геомеханичките испитувања на патот кон Теферич. Откако ќе се испита теренот, од Општината за „Слободен печат“ велат дека стручни лица од фирмата-донатор ќе го изготват и долгоочекуваниот основен проект за санација, по што оттаму сметаат дека ќе се дефинираат евентуалните решенија, како и времето кое ќе биде потребно за целосна обнова на овој коловоз.

-Советот на Општина Кисела Вода,на вчерашната седница ја изгласа Одлуката за прифаќање на донација од Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, посредување и услуги „Геодизајн инженеринг ДООЕЛ Скопје“. Оваа донација опфаќа вршење на геомеханички испитувања на теренот, со цел обезбедување на неопходните стручни анализи и податоци како основа за понатамошните инфраструктурни активности. Согласно усвоената Одлука, стручните лица од донаторот ќе го изготват основниот проект за санација, кој ќе ги дефинира техничките решенија и динамиката на изведба- брифираат од локалната самоуправа.

Последно, од Општина Кисела Вода, прашани до каде е изработката на проектот за санација на патот со оглед на фактот дека уште пред повеќе од еден месец им беше доставен извештајот од експертите на Градежниот факултет, ни одговорија дека нема новости и дека проектот е сè уште во фаза на изработка, објаснувајќи дека овој процес е комплексен и бара специфичен и прецизен пристап.

Се подготвува извештај за Теферич, брзината на санацијата ќе зависи само од Општината

Навистина е нејасно зошто Општината не сака јавно да ги објави информациите за последниот изведувач што очигледно не успеал квалитетно да ја санира улицата.

Доколку собере храброст и ги објави тие податоци, веројатно потоа ќе следува и ревизија на целиот проект со цел да се најдат недостатоците и грешките, по што треба да следува единствената работа што ја бараат граѓаните, а од која очигледно се плашат и ја антиципираат општинските служби – одговорност за огромниот пропуст што бил направен при изведбата на патот кон Теферич.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот