Распукан асфалт на патот кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

ЦУК уште во декември предупредил дека патот кон Теферич е опасен и има ризик за свлечиште

Со оглед на тоа што патот последно беше реновиран и пуштен во употреба во септември минатата година, само два месецa по повторното отворање на оваа сообраќајна артерија, ЦУК во декември проценил дека земјиштето е опасно и дека постои ризик од свлекување, но патот не бил затворен и продолжил да им служи на граѓаните сè до 20 февруари 2026 година, кога асфалтот целосно се расцепи и еден дел од сообраќајницата пропадна речиси цел метар.

Поминаа речиси три недели откако патот кон Теферич се распука поради огромно свлекување на земјиштето и оттогаш тој е целосно затворен за сообраќај по насока на Општина Кисела Вода, а во моментот се подготвува извештај од експертите на Градежниот факултет во однос на состојбата на патот.

Во разговор со деканот на Факултетот, професорот Јосиф Јосифовски, тој целосно го објасни процесот што следува по свлекување од овој тип и истакна дека ситуацијата е сериозна и доколку не се реагира во најбрз рок, местото би можело да биде подложно на нови свлечишта.

Експерти од Градежниот факултет бараат чаре за пропаднатиот пат кон Теферич

Јосифовски ни појасни дека, откако ќе биде изготвен извештајот за процена на ризикот од свлекување, кој веќе се подготвува, а потоа и проектот за санација на патот, тука веќе завршуваат надлежностите на Градежниот факултет и оттука целата работа ќе зависи од локалната самоуправа, во ситуацијава, Општина Кисела Вода.

– Сите следни чекори и динамиката ќе зависи од ажурноста и посветеноста на службите на Општина Кисела Вода. Наша процена е дека треба најитно да се реагира за да се спречи понатамошно развивање и проширување на свлечиштето што веројатно како проблем треба да се постави и до Центарот за управување со кризи – соопшти деканот Јосифовски.

Во однос на евентуалната опасност од проширување на земјиштето, деканот појасни дека иако Градежниот факултет направи процена дека местото е опасно и постои опасност од ново свлечиште, надлежен за реагирање и за преземање акција е Центарот за управување со кризи.

На прашањето до ЦУК дали се запознаени со ситуацијата и дали излегле на терен да направат процена на состојбата на патот, оттаму велат дека Центарот уште во декември 2025 година писмено испратил процена до Општината дека патот е опасен и има одрони. Притоа побарале Општината во најбрз рок да најде фирма изведувач и да ја санира оваа небезбедна локација, како и регулирање на сообраќајот доколку постои директна закана за граѓаните.

– Укажуваме дека ЦУК од 24.12.2025 година, со оглед дека станува збор за локална патна инфраструктура, писмено се обрати до Општина Кисела Вода со известување и барање Општината преку своите надлежни служби, Јавното претпријатие или ангажиран изведувач итно да преземе соодветни мерки за обезбедување на локацијата и спречување понатамошна опасност по учесниците во сообраќајот, за поставување соодветна сообраќајна сигнализација и/или времен прекин на сообраќајот, доколку постои директна закана, како и расчистување и санација на одронот – информираат од Центарот за „Слободен печат“.

ГАЛЕРИЈА | „Реновираниот“ асфалт кај Теферич

ЦУК вакви процени прави за сите општини, а потоа ги доставува до локалните самоуправи, кои треба преку Советот да ги изгласаат и да ги прифатат како еден вид предупредување дека локациите што ги наведува Центарот се ризични и е потребно внимание од надлежната институција, односно Општината.

– Во однос на изготвување на процената и опфатот на актуелната појава (ризик), ве информираме дека ЦУК во рамките на својата законска надлежност има изготвено процена на ризици и опасности од природни катастрофи за секоја општина, вклучително и за Општина Кисела Вода на чија територија е и конкретната појава и таа процена е донесена (прифатена) на Советот на локална самоуправа – објаснуваат од Центарот.

Сепак, оттаму ни појаснија дека, иако процените од овој тип се доставуваат неколкупати во годината, Општината нема обврска веднаш да постапува по добиеното предупредување.

– Колку таа процена во вакви ситуации се користи од општината, ЦУК не може да одговори. Уште еднаш нагласуваме дека процената за која говориме се ажурира еднаш или повеќепати во текот на годината во зависност од потребите, опфаќајќи ги сите случувања како ризици и опасности во однос на самата општина за чија потреба е изготвена, вклучително и сублимираната што се однесува на целата територија на Република Северна Македонија – појаснија од ЦУК.

Со оглед на тоа што патот последно беше реновиран и пуштен во употреба во септември минатата година, само два месеца по повторното отворање на оваа сообраќајна артерија, ЦУК во декември проценил дека земјиштето е опасно и дека постои ризик од свлекување, но патот не бил затворен и продолжил да им служи на граѓаните сè до 20 февруари 2026 година, кога асфалтот целосно се расцепи и еден дел од сообраќајницата пропадна речиси цел метар.

По инцидентот, пропаднатиот пат остана отворен за движење 24 часа, а потоа Општина Кисела Вода извести дека сообраќајницата повторно ќе мора да биде затворена за сообраќај.

Се подготвува извештај за Теферич, брзината на санацијата ќе зависи само од Општината

Оттогаш ЦУК не свика координативен состанок, барем не јавно, а местото е затворено за возила и ќе остане такво сè додека Општината не го добие основниот проект за санација на патот.

Но, според стручните мислења на професорите со кои разговаравме во изминатиов период, патот ќе биде сигурен само ако се посвети целосно внимание на сушењето на почвата, поставувањето квалитетна атмосферска канализација и потпорни столбови што ќе го зацврстат земјиштето бидејќи ако распуканиот асфалт се замени со нов, а земјиштето остане влажно, ризикот од повторно свлекување на земјата и натаму ќе остане присутен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот