Експерти од Градежниот факултет бараат чаре за пропаднатиот пат кон Теферич
Општина Кисела Вода за овој проблем побарала стручно мислење од експерти од Градежниот факултет и, како што велат оттаму, стручните лица веќе излегле на увид на терен и се чека нивното мислење.
Откако пред две недели повторно пропадна патот кон Теферич, каде што асфалтот распука и едната лента од сообраќајницата се спушти повеќе од еден метар, ден подоцна Општина Кисела Вода го затвори патот поради опасност од поголемо свлекување и информираше дека во соработка со повеќе институции ќе се бара трајно решение за оваа проблематична локација.
Препорачано

Факт е дека местото со години е небезбедно за возачите, земајќи предвид дека многупати во изминатите седум години патот пропаѓаше, па потоа се затвораше и така во круг до денес, кога повторно е затворен.
Со години нема „траен лек“ за оваа улица
Очигледно е дека Општината сè уште не може да изнајде вистинско решение за да им биде мирна главата на граѓаните, туку сообраќајницата со години се крпи, а новиот асфалт не може да потрае повеќе од неколку месеци, како што беше и последното пропаѓање на патот, кој беше затворен и се поправаше во мај минатата година, потоа се пушти во употреба кон крајот на септември и по нецели шест месеци распука, можеби и најсилно досега.
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај, откако новиот асфалт распука по само пет месеци
„Слободен печат“ во неколку наврати пишуваше за оваа улица во Кисела Вода, како и за патот од Водно кон Сопиште, кој беше најавен спектакуларно, но речиси една деценија не е пуштен во употреба и не знаеме што може да се случи откако на него ќе започнат да сообраќаат огромен број возила, меѓу кои и товарни.
Има сè повеќе свлечишта, потребна е поригорозна регулација на градењето
Минатата година се случи и свлечиште на Водно, поточно во населените места над Клиничкиот центар, но низ годините имало уште голем број слични случаи на падините од Водно и населбата Железара, каде во моментов има паркинг кој буквално виси над натапканото земјиште со кое на вештачки начин се прицврстила површината каде што се направило паркиралиштето.
ФОТО | Земјата „голта“ дел од паркинг во Железара, жителите се плашат од големо свлечиште
Сите овие донекаде изолирани инциденти ја отвораат дилемата за сигурноста на овие патишта, за која разговаравме со професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, кој смета дека на овие ризични локации се издаваат одобренија за градби и се градат сообраќајници без претходно изработен план и стручно мислење од научната фела.
– Скопје, како и многу други градови низ Македонија е сместен во котлина, по страните ги има оние, многу нестабилни карпи, каде сега почнува да се гради по тие нестабилни седименти. Тука треба да има една цела спрега на институции и научна фела која треба да предвиди каде смее, каде не смее да се гради и каде е ризично. Тоа треба сето да биде изрегулирано за да не се направи некоја беља, особено кога се работи за изградба на згради и живеалишта на луѓе. Треба работата да се изрегулира пред да се случи инцидент, а не потоа инспекции, судови и истраги – вели професорот Милевски за „Слободен печат“.
ВИДЕО | Дупка кај Теферич сериозно ги „загрозува“ сите што возат по улица Мариовска
Милевски: Патот кон Теферич треба да постои, но потребна е квалитетна обнова
Професорот се осврна и на патот кон Теферич, за кој смета дека треба да постои и не е пожелно трајно да се затвори за сообраќај, но потребно е строго да се регулира каков тип возила минуваат и да се обрати внимание кон изградба на квалитетна атмосферска канализација при неговото следно обновување.
– Мислам дека треба да има таму пат, има начин како тој пат може да се направи без повторно да пропаѓа, но тогаш таа сообраќајница не треба да биде отворена за тешки товарни возила. Таму камиони минуваат секој ден. На пример, да биде дозволено да минуваат моторни возила до два тона и главното нешто што е, на патишта како оној кон Теферич, да има добра атмосферска канализација на атмосферски води, кои нема да се впиваат под патот и да го слегнуваат, со што патот ќе остане безбеден – смета Милевски.
Експерти од Градежниот факултет направиле увид и бараат решение за улицата
Откако две недели по пропаѓањето на патот од Општината јавно нè информираа дали е изнајдено решение и кога ќе започне со негова обнова, „Слободен печат“ испрати прашања до локалните самоуправи во Кисела Вода и Сопиште дали имаат некаков нацрт-план и идеи за трајно решавање на проблемот со свлекување и дали обновата ќе се прави заеднички или една Општина ќе има надлежност.
Од Општина Сопиште одговорија дека иако градоначалникот Јане Мицевски беше на увид на местото и заедно со неговата колешка од Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска „ѕирнаа“ во длабокиот расцеп, тие во оваа обнова нема да учествуваат и целата надлежност е во рацете на Општина Кисела Вода.
– Патот кон Теферич во моментов е затворен за сообраќај, истиот во делот на оштетувањето територијално не припаѓа во надлежност на општина Сопиште. Но, со оглед на фактот дека го користат голем број жители од општина Сопиште, целосно сме фокусирани и во постојана комуникација со сите релевантни институции за изнаоѓање на соодветно инжинерско решение – изјавија од локалната самоуправа.
„Заиграа“ метлите во Теферич, Кисела Вода и Сопиште заеднички го чистат просторот
Од Кисела Вода, пак, добивме поконкретен одговор и оттаму ни соопштија дека „чарето“ за патот кон Теферич го бараат стручните лица од Градежниот факултет, од каде веќе излегле на терен и направиле увид и во моментов се чека стручно мислење и резултати од нивните анализи.
– Во врска со проблемот на патот кон Теферич, Општина Кисела Вода се консултираше и побара стручно мислење од експерти од Градежниот факултет од Скопје. Стручните лица веќе излегоа на увид на терен и во моментов се чека на нивните детални анализи и стручно мислење. Откако ќе ни биде доставено нивното мислење, јавноста ќе биде информирана за следните чекори. Нагласуваме дека остануваме во координација со сите релевантни институции во врска со решавањето на проблемот – брифираат од Општина Кисела Вода.

Останува да видиме дали конечно, по речиси десет години од константно реновирање и константно пропаѓање на патот кон Теферич, ќе се изнајде трајно решение со кое оваа сообраќајница ќе биде безбедна да сите жители на двете соседни општини сместени на падините на Водно.


