ЕУ воведе забрана за големите компании — веќе не смеат да ја уништуваат непродадената облека
Големите компании во Европската Унија отсега нема да смеат да уништуваат непродадена облека и обувки, согласно новите правила кои стапија во сила вчера. Наместо фрлање на производите, компаниите ќе мора да ги препродаваат, донираат, поправаат или рециклираат.
Препорачано
Досега за дел од трговците уништувањето на непродадената стока беше поевтино решение отколку нејзиното складирање, обновување или повторно пласирање на пазарот. Со новата регулатива, оваа практика ќе биде дозволена само во исклучителни случаи – ако производите се опасни, оштетени, контаминирани или не можат да се користат повторно. Исто така, ќе може да се уништат производи што претходно биле понудени како донација на повеќе организации во ЕУ, но не биле прифатени.
Мерката е дел од Регулативата на ЕУ за екодизајн, која стапи во сила во јули 2024 година, а во иднина ќе се применува и на поширок круг компании. Германската федерација на малопродажба (HDE) смета дека забраната може да донесе придобивки за потрошувачите, бидејќи ќе се зголеми понудата на производи со намалени цени во аутлет-продавници, на распродажби и на пазарот за половна облека.
Според директорот на федерацијата, Стефан Гент, мерката има и еколошка корист, бидејќи ќе се намали уништувањето на речиси нова облека, а повеќе производи ќе добијат втора шанса преку препродажба или донација. Сепак, тој предупредува дека трговците ќе се соочат со дополнителни трошоци за складирање, сортирање, поправка, повторен маркетинг и документација, како и со логистички и правни предизвици поврзани со донациите и продажбата на половни производи. Германското здружение за модна индустрија ја поздрави новата регулатива, оценувајќи дека облеката е вреден производ кој не треба да завршува како отпад. Според нив, најголемиот проблем останува таканаречената „ултра брза мода“, односно огромните количини евтина облека што директно пристигнува од добавувачи надвор од Европската Унија.
Од здружението бараат и тие компании да учествуваат во покривањето на трошоците за собирање, сортирање и рециклирање на текстилниот отпад. Еколошките организации ја поздравуваат забраната, но предупредуваат дека таа ќе има ефект само доколку правилата доследно се спроведуваат. Според нив, постои ризик дел од компаниите да ги заобиколуваат прописите преку погрешно пријавување на производите.
Според податоците на Европската комисија, секоја година во Европа се уништуваат меѓу 4 и 9 проценти од непродадениот текстил без воопшто да бидат користени, при што се создаваат околу 5,6 милиони тони емисии на јаглерод диоксид.
Закон има, контејнери нема – текстилниот отпад ги „облeкува“ депониите


