Ристески со порака до трговците: „Нема да дозволиме воени профитери да заработуваат на грбот на граѓаните“
Министерството за економија денеска во 15 часот ќе одржи средба со производители, трговци и дистрибутери, на која ќе се разговара за движењето на цените на основните прехранбени производи и можните мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески порача дека нема да се дозволи злоупотреба на ситуацијата и профитирање преку неоправдано зголемување на цените.
Препорачано
-Не смее да има воени профитери кои ќе заработуваат на грбот на граѓаните. Доколку се утврди непазарно однесување и енормно зголемување на цените, ќе бидат преземени соодветни законски мерки- изјави Ристески.
На средбата ќе бидат презентирани анализите на Државниот пазарен инспекторат за движењето на цените на основните производи во изминатите месеци. Според Ристески, направена е детална анализа која ќе биде основа за понатамошни препораки до економските субјекти. Во однос на можноста растот на цените на горивата да предизвика поскапување на други производи, тој истакна дека Владата внимателно ја следи состојбата и е подготвена да реагира.
-Живееме во турбулентен период, со големи глобални предизвици и неизвесности. Владата досега покажа дека може да се справи со економски и енергетски кризи- рече Ристески.
Тој додаде дека ќе се следат сите идни движења на пазарот, а најави и можност за дополнителни мерки по вонредната седница на Владата, меѓу кои и промени поврзани со акцизите, со цел да се ублажат последиците врз граѓаните и економијата.
Ристески: Ќе се проверуваат маржите, ќе реагираме ако има нереално зголемување


