Без поедноставни процедури, многумина ќе останат без државна помош, алармира Занаетчиската комора
Занаетчиската комора побара мерките од Оперативниот план за вработување да бидат подостапни за сите занаетчии, а постапката за аплицирање да биде поедноставна и транспарентна. Барањето беше упатено на денешната средба со заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на која се разговараше за актуелните мерки за поддршка на вработувањето и развојот на занаетчиството.
Препорачано
Претседателот на Занаетчиската комора, Горан Ристовски, истакна дека занаетчиите се соочуваат со сериозен недостиг на работна сила, но оцени дека мерките од Оперативниот план можат да помогнат во задржување на младите во земјава и отворање нови работни места.
-Особено ги поздравуваме мерките за самовработување и за обука кај конкретен работодавач. Сакаме тие да бидат достапни за секој занаетчија, аплицирањето да биде поедноставно, а доделувањето на поддршката да остане транспарентно – порача Ристески.
Ристески нагласи дека во моментов најголем интерес има за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“, како и за „Обука на работно место кај конкретен работодавач“, додека мерката за самовработување веќе придонела за отворање бројни нови бизниси и занаети. Тој ги повика невработените лица и работодавачите да ги искористат можностите што ги нуди Оперативниот план, потсетувајќи дека Министерството организира информативни средби низ целата држава за промоција на мерките.
Мерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ предвидува 50 невработени лица да посетуваат тримесечна обука, при што ќе добиваат месечен надоместок од 12.000 денари со вклучено осигурување. Работодавачите, пак, ќе добијат еднократна поддршка од 30.000 денари за секое обучено лице, со обврска најмалку половина од нив да ги вработат по завршувањето на обуката.
Паралелно е активен и јавниот повик „Вработување и раст на правни субјекти“, преку кој микро, малите и средните компании можат да добијат поддршка од 160.000 до 250.000 денари по нововработено лице, односно до 1,25 милиони денари по компанија. Ристески истакна дека крајната цел на Оперативниот план е намалување на невработеноста и задржување на младите во Македонија.


