Закон има, контејнери нема – текстилниот отпад ги „облeкува“ депониите
Македонија годишно произведува над 35.000 тони текстилен отпад. Но наместо да се рециклира, текстилниот отпад ги „облекува“ депониите. Иако од пред неколку години има законска рамка што го препознава текстилниот отпад како посебен, на терен состојбата речиси и да не е променета. Најголемиот дел од репроматеријалите кои остануваат од текстилните фабрики, но и старата облека на граѓаните завршува во комуналниот отпад, а селекцијата е исклучок, а не правило.
Препорачано
Со Законот за управување со дополнителни текови на отпад, државата се обврза да воспостави систем за одделно собирање, селекција и третман на текстилниот отпад, во согласност со европските директиви. Но граѓаните ретко знаат каде да ја одложат старата облека која најчесто завршува во контејнерите со останатиот отпад, а дел од општините признаваат дека немаат капацитет за целосна имплементација.
Закон на хартија, проблем на улица
Законот предвидува текстилниот отпад да не се меша со друг комунален отпад и да се собира преку посебни пунктови и контејнери. Во пракса, вакви контејнери беа поставени само во некои делови од Скопје, најчесто како резултат на иницијативи на невладини организации.
Во Штип, најголемиот текстилен град во државава каде што се произведува и најголем дел од индустрискиот текстилен отпад, контејнери за текстил нема. Има само една фирма која го собира, но каде завршува отпадот, текстилците не знаат.
-Законот предвидува текстилниот отпад да се собира во посебни контејнери, а репроматеријалот кој останува од лон производството да се враќа назад во земјата од каде што е нарачано производството. Но ова во пракса не се спроведува. Пред некоја година имавме истражување заедно со општината, но кои се резултатите од него не знаеме. Текстилниот отпад е загадувач број еден и затоа треба да се обрне повеќе внимание на спроведување на законските регулативи – вели за Слободен печат Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Таа објаснува дека најверојатно текстилниот отпад завршува заедно со останатиот на депонија.
Од Комуналното претпријатие на општина Штип велат дека не ја нудат услугата за собирање и депонирање на текстилен отпад, немаат податоци дали и кои фирми имаат ваква дозвола.
Според официјалните податоци, текстилот е меѓу најбрзо растечките видови отпад, а синтетичките ткаенини дополнително придонесуваат за загадување преку микропластика.
Кој е одговорен?
Законот за управување со дополнителни текови на отпад воведува принцип на проширена одговорност на производителот, според кој увозниците и производителите на текстил треба финансиски да учествуваат во системот за собирање и рециклирање. Сепак, и овој механизам сè уште е во почетна фаза. Експертите предупредуваат дека проблемот дополнително се влошува поради растечката потрошувачка на евтина, неквалитетна облека.

„Брзата мода создава илузија дека облеката е потрошен материјал. Луѓето купуваат повеќе, носат пократко и фрлаат побрзо“, велат од невладините организации.
Без функционален систем за селекција и рециклирање, текстилниот отпад останува невидлив проблем сè додека не заврши на депонија. Законот предвидува мрежа на контејнери за текстил, реалноста е дека ги нема. А граѓаните скоро и да се неинформирани како треба да постапат со облеката што не ја користат.
Македонија нема развиена индустрија за целосно рециклирање на текстил во нов текстил. Голем дел од текстилниот отпад, особено од домаќинствата, и понатаму завршува на депонии како „Дрисла“, каде што бавно се разградува и создава микропластика.
Дали горењето текстилен отпад загадува?
Во последните месеци повторно е актуелна дилемата околу употребата на текстилен отпад како алтернативно гориво во Цементарницата „Титан-Усје“ во Скопје. Оттаму тврдат дека тој отпад се користи како алтернативно гориво и дека има еколошка дозвола за користење на неопасни фракции од отпад, вклучувајќи текстил, хартија, картон, лушпи од кафе и ориз и други слични материјали. Според компанијата, процесот на согорување се одвива при многу високи температури (над 1450°C), што во теорија треба да овозможи целосно согорување и безбедно справување со отпадот.
Оваа пракса не е само во Македонија. Во многу земји, особено во Европската Унија и САД, цементарниците користат отпад како алтернативно гориво во производството на цемент со цел да се намали потрошувачката на традиционални фосилни горива. Компанијата истакнува дека алтернативните горива учествуваат во мал процент (под 5%) од вкупната енергија што се користи во печките.
Секоја година во Европа се фрлаат околу 5,8 милиони тони текстил, од кои најголемиот дел завршува на депонии оставајќи сериозни последици врз животната средина.


