Брод во Ормускиот Теснец / Фото: NARA & DVIDS Public Domain Archive

Ирак бара нова локација за нафтовод до Медитеранот поради блокадата на Ормускиот Теснец

Ирак ги забрзува плановите за изградба на нафтовод до медитеранските пристаништа во Турција и Сирија, бидејќи продолжената блокада на Ормускиот Теснец и натаму го попречува извозот на нафта, изјави министерот за нафта Басим Худаир, пренесе ДПА.

„Во тек е изработка на физибилити-студија за нафтовод што ќе ги поврзе нафтените полиња во Басра, на југот на земјата, и Киркук, на северот, со медитеранските пристаништа Џејхан во Турција и Банијас во Сирија“, изјави Худаир.

Според него, трасата подоцна би можела да се продолжи и до јорданското пристаниште Акаба на Црвеното Море.

Худаир рече дека Багдад има „јасна визија и стратегија“ за изнаоѓање нови извозни рути за ирачката нафта.

Ирак во голема мера зависи од приходите од извозот на нафта, кои во нормални услови сочинуваат повеќе од 90 проценти од државните приходи. Повеќе од 10 милиони Ирачани зависат од месечните исплати од државата, меѓу кои државни службеници, пензионери и корисници на социјална помош.

Потрага по алтернативни извозни рути

Потребата од алтернативни извозни рути станува сѐ поитна, бидејќи Ормускиот Теснец со месеци е практично блокиран поради непријателствата меѓу Иран и САД. Во меѓувреме, ирачкото производство на нафта исто така е намалено поради конфликтот.

Сепак, транспортот на нафта по копнен пат би останал поскап и помалку ефикасен отколку поморскиот превоз.

Ирачките власти признаваат и дека нафтоводите и другата енергетска инфраструктура надвор од Ормускиот Теснец би можеле да останат ранливи на евентуални ирански напади.

„Во моментов, Ирак извезува дел од својата нафта преку постоечки нафтовод до Турција, кој минува низ автономниот Курдски Регион. Втор нафтовод, кој го заобиколува Курдистан, е во завршна фаза на тестирање и би можел да биде пуштен во употреба во наредните неколку дена“, изјави Худаир.

САД и Иран ги засилија нападите едни врз други откако пропадна привремениот договор за прекин на огнот потпишан пред еден месец, зголемувајќи ја можноста за враќање на отворена војна. Со тоа, повторно беше блокиран и Ормускиот Теснец.

САД изведе нови напади врз Иран

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот