Ја освоија титулата, а сега на ред се ветувањата – Де ла Фуенте ќе добие „бесмртност“ на кожата на Кукуреља
Светската титула донесе огромна радост во Шпанија, но за некои фудбалери прославата ќе биде проследена и со исполнување на ветувања дадени пред најважниот натпревар во нивните кариери. Меѓу нив најмногу внимание привлече Марк Кукуреља, кој пред финалето со Аргентина јавно вети дека ќе направи нешто несекојдневно доколку неговата репрезентација стане светски шампион.
Препорачано
Шпанскиот дефанзивец, кој во меѓувреме стана еден од симболите на оваа генерација, пред финалето изјави дека доколку Шпанија го освои трофејот ќе направи тетоважа со ликот на селекторот Луис де ла Фуенте, а дури се пошегува и дека можеби ќе се повлече од репрезентацијата затоа што веќе ги освоил најголемите трофеи – Европското и Светското првенство.
„Ако победиме, ќе се тетовирам со ликот на Де ла Фуенте и ќе се повлечам од репрезентацијата. Светско првенство, Европско првенство – што друго може човек да освои?“, изјави Кукуреља пред финалето.
Откако Шпанија ја освои светската титула, селекторот Луис де ла Фуенте не ја пропушти можноста да го потсети својот фудбалер на дадениот збор. Со насмевка на лицето, тој порача дека неговите играчи се луѓе кои стојат зад своите зборови.
„Премногу сум стар за тетоважи, но моите играчи се луѓе од збор. Кога ќе ветиш нешто, мора да го исполниш. Направија грешка што дадоа ветување, но сега ќе мора да се држат до него. Не сум толку грд“, се пошегува селекторот на светскиот шампион.
На прашањето каде би сакал да биде неговиот лик на телото на Кукуреља, Де ла Фуенте повторно одговори во свој стил.
„Можеби на некое место каде што нема многу да се гледа. Но, кога ќе кажеш нешто, мора да стоиш зад тоа“, порача шпанскиот стратег.
Лаутаро во солзи по херојскиот гол против Англија: „Го сонував ова“
Кукуреља, сепак, не е единствениот шпански репрезентативец кој ќе мора да исполни ветување.
Своја промена вети и Ламин Јамал, кој најави дека ќе пушти брада и мустаќи, додека Гави порача дека ќе ја обои косата розова. Педри најави промена во изгледот, а Феран Торес вети дека ќе ја избричи главата, што сега има дополнителна тежина откако токму тој го постигна победничкиот погодок во финалето.
Едно од најнеобичните ветувања го даде Микел Ојарзабал, играчот на Реал Сосиедад, кој изјави дека ќе купи годишна членска карта на големиот ривал Атлетик Билбао доколку Шпанија ја освои светската титула. Надвор од соблекувалната, претседателот на Шпанската фудбалска федерација,Рафаел Лузан, вети дека ќе го помине Камино де Сантијаго во должина од 114 километри како прослава на историскиот успех.
ВИДЕО | Toрес го скрши аргентинскиот бункер, Шпанија по продолженија до втора светска титула
Светската титула останува најголемото достигнување, но токму ваквите приказни покажуваат дека зад големите победи стојат и човечки моменти – шеги, емоции и ветувања што ги прават шампионите поблиски до навивачите.
За Кукуреља, следниот предизвик можеби нема да биде на фудбалскиот терен, туку во студио за тетоважи. А дали навистина ќе го носи ликот на својот селектор засекогаш – останува да видиме.
ВИДЕО | Шпанците ги собраа и наградите за најдобри фудбалери на Мундијалот


