ФОТО | Земјата „голта“ дел од паркинг во Железара, жителите се плашат од големо свлечиште
Од Центарот за управување со кризи добивме одговор дека не се запознаени со опасноста од свлечиште во Железара бидејќи досега никој не се јавил на бројот 112 за да го пријават овој случај и упатија апел до жителите да ги контактираат во најбрз можен рок и да го пријават случајот.
Жители на скопската населба Железара во изминатиов период на повеќе начини се обидуваат да го привлечат вниманието на Општина Гази Баба и на градоначалникот Бобан Стефковски во врска со сериозен проблем со кој се соочуваат – опасност од огромно свлечиште на локацијата каде што се изградени двете нови згради на главната улица „Коце Металец“.
Препорачано

Фотографиите што жителите на населбата ги споделуваат на социјалните мрежи се и повеќе од загрижувачки, а на нив може да се забележи како еден дел од паркингот, кој е сместен на самиот „раб“ од израмнетото земјиште кое до пред некоја година беше видно стрмен рид, има пропаднато речиси цел метар, правејќи го паркиралиштето навистина ризично за станарите да можат да си ги остават своите возила.
– Упатувам апел до Општина Гази Баба и до градоначалникот Бобан Стефковски. Состојбата помеѓу зградата на Елена Лука и зградата на „Два брата градители“, во која е сместено казиното „Сенатор“, е повеќе од алармантна. Веќе подолго време зградата кај казиното има свлечиште и паркингот со последните врнежи има пропаднато најмалку еден метар со тенденција да оди уште подолу – вели жител на Железара.
Тој ги повика надлежните што поскоро да реагираат и да интервенираат на оваа локација, каде што според фотографиите, доколку не се постави некаков вид потпора, уште повеќе би пропаднал паркингот, а со тоа и станарите од зградата би биле во огромна опасност, земајќи предвид дека зад зградата нема ништо освен стрмна надолнина.
– Не знам колку е точно, дојдов до информација дека зградата кај казиното нема шипови, па затоа во најкраток рок треба Општина Гази Баба да интервенира и да стави потпорен ѕид за да би се спречило понатамошно лизгање на земјиштето, а со тоа и на паркингот, па и на зградата. Инаку, само да информирам, Општината има обврска да направи потпорен ѕид затоа што се обврзала со договор, а богами и двете згради ѝ имаат уплатено комуналии за таа намена и тоа не се малку пари. Поздрав до Општината и до градоначалникот, добро е да се позанимаваат малку повеќе со оваа проблематика, да не биде доцна – додава тој.

„Слободен печат“ ги испрати фотографиите објавени на социјалните мрежи до Општината со цел локалната самоуправа и нејзините служби да се запознаат со проблемот доколку досега таа информација не пристигнала до нив. Прашавме и дали ќе реагираат по поплаките од жителите за оваа сериозна закана по нивната безбедност.
Оттаму, за жал, како и секогаш, ниту ние ниту жителите не добивме одговор прашањата, но очекуваме дека сепак ќе интервенираат за решавање на овој сериозен проблем, со што ќе спречат евентуална катастрофа од поголеми размери.
Исто така, стапивме во контакт со Центарот за управување со кризи и ги информиравме за овој сериозен проблем, од каде што ни одговорија дека не се запознаени со опасноста од свлечиште во Железара бидејќи досега никој не се јавил на бројот 112 за да го пријават овој случај. Оттаму упатија апел до жителите да ги контактираат во најбрз можен рок и да го пријават случајот, за ЦУК да може да ги ангажира сите потребни институции и да го „мрдне тркалото“ на надлежности.

Еден од жителите кои се најактивни во актуелизирање на овој проблем за „Слободен печат“ вели дека голем проблем е пропаѓањето на паркинг просторот зад зградата во Железара, но, како што вели тој, уште повеќе загрижувачки е фактот што ниту еден од станарите на засегнатата зграда не се пожалил за проблемот. Тие и понатаму продолжуваат да се паркираат на пропаднатиот паркинг, кој сега е само заграден со неколку метални лимови без дополнителна потпора.
– Јас започнав со јавни апели до Општината и до градоначалникот Бобан Стефковски за да ги запознаам со овој проблем, но оттаму со недели воопшто не се одзваа. Паркингот е пропаднат, а зад паркингот нема ништо, тоа е рид и нема потпорни ѕидови што би спречиле евентуално свлекување на земјиштето, а тоа би било катастрофално.
Мене најмногу ме чуди тоа што ние, жителите од околните згради, сме многу поангажирани за овој проблем отколку станарите во зградата чиј паркинг е пропаднат. Таму има повеќе од 40 станари, а никој не реагира, тие и понатаму си се паркираат на нивните паркинг-места. Ова може да биде огромна катастрофа доколку некој не реагира – вели жителот.
По препораката од ЦУК, жителите денеска го пријавиле случајот на 112, па сега на потег се институциите, кои по службена должност ќе треба да извршат увид на оваа локација и да ја разгледаат евентуалната опасност од свлекување на земјиштето надолу кон другите згради, со која се соочуваат дел од жителите на Железара.



