„Понекогаш не знам како да му помогнам“ — емотивната приказна на шпанскиот фудбалер Кукуреља и неговиот син со аутизам
За навивачите Марк Кукуреља е борбен лев бек, препознатлив по својата кадрава коса и настапите на најголемите фудбалски сцени. Но, далеку од рефлекторите, шпанскиот репрезентативец води една сосема поинаква битка – заедно со своето семејство секојдневно се грижи за својот најстар син Матео, кој има нарушување од аутистичниот спектар.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Кукуреља и неговата партнерка Клаудија Родригез се родители на три деца – Матео, Рио и Бела. Во изминатите години тие неколкупати јавно зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат, со надеж дека нивната приказна ќе им помогне и на други семејства кои живеат со аутизам.

Првите знаци ги забележале уште во најраната возраст
Клаудија откри дека првите разлики кај Матео ги забележала кога имал околу 13 месеци. Не воспоставувал контакт со очите, не реагирал кога ќе го повикале по име, а и говорот значително доцнел. Бидејќи им бил прво дете, во почетокот мислеле дека едноставно се развива побавно.
Лекарите не можеле веднаш да постават дијагноза, а во еден период се сомневале дека честите воспаленија на ушите му предизвикуваат проблеми со слухот. Дури подоцна било потврдено дека Матео има нарушување од аутистичниот спектар.
По преселбата во Лондон, семејството пронашло специјализирано училиште кое му овозможило индивидуална поддршка и терапија. Кукуреља и Родригез повеќепати истакнале дека токму раната интервенција и стручната помош донеле значителен напредок во секојдневниот живот на нивниот син.

„Мора да научите да го разберете“
Фудбалерот никогаш не криел колку е емотивна оваа тема за него. Во повеќе интервјуа признал дека родителството на дете со аутизам го научило дека не треба да очекува детето да се приспособи на светот, туку родителите да научат подобро да го разберат неговиот начин на комуникација.
„Кога имате дете со аутизам, мора да научите да го разберете. Не ги доживува работите на ист начин како другите деца. Понекогаш гледате дека не му е добро, а не знаете како да му помогнете“, изјави Кукуреља.
Матео е невербален, но неговите родители велат дека тоа не значи дека не комуницира. Со текот на времето научиле подобро да ги препознаваат неговите потреби, а секој мал напредок го доживуваат како голема победа.
Кукуреља неодамна повторно ги трогна фановите кога се расплака за време на разговор со момче кое исто така има аутизам. Призна дека ова е тема за која сè уште тешко зборува, бидејќи најболно му е кога чувствува дека не знае како да му помогне на својот син.
@eldebate_com 💬 Cucurella se emociona al hablar de su hijo con autismo: «Es la primera vez que voy a hablar de esto» #eldebate #cucurella #futbol #entrevista #autismo ♬ sonido original – El Debate


