Познати деталите за последното збогување со легендарната пејачка Бони Тајлер
Светот сè уште е во шок по веста за смртта на музичката легенда Бони Тајлер (75). Изведувачката на безвременските мегахитови „Total Eclipse Of The Heart“ и „Holding Out For A Hero“ почина во болница во Португалија по компликации од итна операција на цревата, а сега нејзиното семејство ги објави деталите за погребот, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Иако погребната церемонија ќе биде приватна и во кругот на најблиските, семејството одлучи да им дозволи на илјадниците обожаватели последен пат да ѝ оддадат почит на својата икона.

Процесија низ нејзиниот роден крај
Како што соопштија од погребното претпријатие во име на семејството, комеморативната поворка во чест на починатата ќе започне на 15 август во нејзиниот роден Велс. Обожавателите се поканети да излезат на улиците во местото Мамблс во попладневните часови за да го испратат нејзиниот ковчег.
Големата „прослава на животот“ на пејачката, чие вистинско име е Гејнор Хопкинс, ќе се одржи на 17 август во црквата Света Марија во Свонси. Потоа, таа за последен пат ќе помине низ своето родно место Скјуен, пред да биде погребана.

Наместо цвеќе – донации за болни деца
Наместо да купуваат свежо цвеќе, семејството ги замоли сите фанови и пријатели да донираат средства во две хуманитарни организации чиј покровител беше токму Бони Тајлер, Детската болница во Велс и центарот за церебрална парализа.
„Нејзиното наследство продолжува да живее низ безвременските песни кои ја направија легенда“, порачаа од погребното претпријатие.
Потсетуваме, здравствените проблеми на славната пејачка започнаа во мај кога поради проблеми со стомакот беше итно оперирана во Португалија. Иако нејзиниот тим во јуни објави дека таа се разбудила од индуцирана кома и дека состојбата полека ѝ се подобрува, нејзиното срце не издржа, оставајќи ги скршени нејзиниот сопруг Роберт Саливан и милионите фанови ширум светот.
Музичката легенда Бони Тајлер по итна операција се наоѓа во вештачка кома
ВИДЕО | Сите ја сакаме, но малкумина ја знаат мрачната инспирација зад моќната балада на Бони Тајлер


