Се подготвува извештај за Теферич, брзината на санацијата ќе зависи само од Општината
Деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски истакна дека по изготвувањето на извештајот за проценка за ризикот од свлекување на земјиштето, веќе завршуваат обврските на Градежниот факултет и по ова, динамиката на поправањето на патот ќе зависи единствено од општинските служби.
Откако од Општина Кисела Вода соопштија дека за свлекувањето на патот кон Теферич е побарано стручно мислење и анализа од Градежниот факултет при УКИМ, експертска екипа веќе била на терен и направиле увид и записник од пропаднатиот пат кон Теферич и во моментов се подготвува извештај за проценка на ризик од свлекување.
Препорачано
„Заиграа“ метлите во Теферич, Кисела Вода и Сопиште заеднички го чистат просторот
Оваа информација за „Слободен печат“ ја потврди деканот на Градежниот факултет, професорот Јосиф Јосифовски, кој целосно нè информираше до каде е постапката, какви предлог-решенија се „во игра“ и до кога имаат рок да ги достават до Општина Кисела Вода.
Јосифовски одговори дека стручни лица од Факултетот веќе биле на терен и направиле записник за пропаднатиот пат кон Теферич, а следи изработка на извештај и предлози за понатамошното решавање на проблемот, кои ќе бидат доставени до Општината.
– Градежниот факултет Скопје по однос на појавено свлечиште во населбата Теферич по барање на Општината Кисела Вода излезе на терен и направи увид на настанатите деформации на коловозот и пошироката околина. Во согласност со процедурите изработен е записник од увидот, а во тек е изработка на извештај во кој ќе се дадат предлози за понатамошно решавање на проблемот- објаснува деканот.
Градежниот факултет го изготвува извештајот, а потоа треба да се направи проект за санација
Во однос на извештајот за проценка на ризикот од свлекување кој Факултетот го подготвува за патот кон Теферич, Јосифовски објасни дека тоа е документ кој се изготвува за надлежната институција со цел да каже и да даде експертско мислење дали случајот е итен, како и насоки доколку е потребно да се реагира. Прашан дали има рок од Општината до кога треба да се изготви овој извештај, Јосифовски соопшти дека точен рок нема, но активно се работи на негово побрзо изготвување.
– Екипите беа на терен и направија записник, сега се подготвува извештајот. За него немаме рок од Општината, но се работи за негово побрзо изготвување- изјави деканот Јосифовски.
Според досега добиените информации, експертското мислење е дека примарна цел за решавање на овој проблем и спречување на поголемо свлекување на земјиштето е отстранување на водата која е насобрана во пукнатините, процес наречен дренажа после кој треба целосно да се исуши подлогата.
Јосифовски истакна дека вообичаено, Градежниот факултет во вакви ситуации изработува проектна програма која опфаќа снимање на теренот и геотехнички истраги. Откако ќе завршат овие процеси, лиценцирана градежна компанија потоа треба да изработи проект за санација на свлечиштето, која по изработката ќе биде проверена и ревидирана од страна на Факултетот.
-Вообичаено, е да се изврши снимање на теренот и изведат одреден обем на геотехнички истраги што ќе се пропишат со проектната програма која ќе ја изработи Градежниот факултет. Потоа ќе следува изработка на Основен проект за санација на свлечиштето кој треба да го изработи лиценцирана градежна компанија со соодветни овластувања. Истата ќе биде предмет на ревизија која ќе ја изработи Градежниот факултет- изјави професорот Јосифовски за „Слободен печат“.
Динамиката на поправањето на патот зависи единствено од Општината
Професорот вели дека тука веќе завршуваат обврските на Градежниот факултет и по ова, динамиката на поправањето на патот ќе зависи единствено од општинските служби, во случајов Општина Кисела Вода, и нивната посветеност, но, како што вели тој, проценката на Факултетот е дека треба најитно да се реагира и да се направи санација на патот, со цел спречување на уште поголемо свлекување на земјиштето под патот кон Теферич.
– Сите следни чекори и динамиката ќе зависи од ажурноста и посветеноста на службите на Општина Кисела Вода. Наша проценка е дека треба најитно да се реагира за да се спречи понатамошно развивање и проширување на свлечиштето што веројатно како проблем треба да се постави и до Центарот за управување со кризи – соопшти деканот Јосифовски.
Во однос на евентуалната опасност од проширување на земјиштето, деканот појасни дека иако Градежниот факултет направи проценка дека местото е опасно и постои опасност од ново свлечиште, надлежен за реагирање и за преземање акција е Центарот за управување со кризи.
Очигледно е дека овој пат е опасен, земајќи предвид дека изминатава деценија земјиштето повеќе пати се свлекувало и тој беше со месеци затворен за сообраќај. Ситуацијата е идентична и денеска, патот веќе трета седмица е затворен за сообраќај бидејќи пропадна и се расцепи само пет месеци по неговата последна обнова.
Две недели по свлекувањето на патот кон Теферич, од Општина Кисела Вода сè уште немаат одговорено која била фирмата-изведувач на последната санација на овој пат во 2025 година и колку ова неуспешно и неквалитетно реновирање ги чинело жителите. Првиот пат кога ги прашавме, од Општината тврдеа дека тие не биле надлежни за последното реновирање на патот и го вперија прстот кон ЈП „Државни патишта“.
ВИДЕО | Дупка кај Теферич сериозно ги „загрозува“ сите што возат по улица Мариовска
Сепак, откако го контактиравме претпријатието, оттаму беа децидни дека „Државни патишта“ никогаш не работела на овој пат и дека таков проект во нивната архива не постои бидејќи тие не се надлежни за оваат сообраќајница. Потоа „Слободен печат“ повторно испрати прашања до Општината, но ни тогаш не добивме никаков одговор во однос на тоа која фирма последно го поправала патот и колку оваа поправка ја чинела Општината, односно граѓаните.

Според наведеното, Градежниот факултет точно знае како треба да се постапи и веќе започнува со исполнување на својот дел од задачат, па останува да видиме дали конечно, откако ќе биде изготвен планот за санација, по речиси десет години од константно реновирање и константно пропаѓање на патот кон Теферич, Општината нема да чека и веднаш ќе започне тендерска постапка за неговото поправање, кое по многуте неуспешни обиди, се очекува да биде трајно со цел оваа сообраќајница да биде безбедна да сите жители на двете соседни општини сместени на падините на Водно.


