Од градинката „Пролет“ во Козле демантираат дека децата спиеле во холот и на бината, иако Општина Карпош потврди дека е така
Од градинката во својата реакција велат дека капацитетот на „Пролет 1“ е 200 деца, а моментално во неа има 185, затоа што како што самите тврдат, во текот на летниот период бројот на присутни деца традиционално е значително помал поради користење на годишни одмори од страна на семејствата. Па еве јавно прашуваме – колку деца ќе престојуваат во градинката од септември и по колку ќе бидат сместени во една занимална?
После цела недела откако за првпат објавивме дека во градинката „Пролет 1“ во Козле, освен децата кои редовно ја посетуваат, се згрижени и дечињата од „Пролет – Канела“ додека се гради новиот објект на градинката, наместо како што беше најавено привремено да престојуваат во општинските бараки – реагираа од ЈОУДГ „Пролет“.
Препорачано
Во својот допис до нашата редација тие ги демантираат објавените информации кои, според нив, „не кореспондираат со фактичката состојба во установата и засебните објекти“.
Категорично ги отфрламе наводите дека во градинката се згрижуваат деца над предвидениот капацитет, како и тврдењата дека децата престојуваат или спијат во ходници, на бина или во други несоодветни простории. Сите деца подеднакво ги користат занималните како и останатите заеднички простории согласно намената на истите и истовремено овие простории се соодветно климатизирани и прилагодени за нормално одвивање на секојдневна образовна настава и останати активности во установата – тврдат од градинката.
Како што објаснуваат, капацитетот на објектот изнесува 200 деца, додека во моментот во градинката настава посетуваат 185 деца, односно бројот на згрижени деца е под утврдениот капацитет на установата.
Оттука, тврдењата за наводна пренатрупаност и надминување на просторните можности на градинката се целосно неосновани. Особено е важно да се нагласи дека во текот на летниот период бројот на присутни деца традиционално е значително помал поради користење на годишни одмори од страна на семејствата, што дополнително ги прави ваквите тврдења неаргументирани и спротивни на реалната состојба на терен. При планирањето и обезбедувањето на оптимален капацитет во останатите објекти поради реконструкцијата, вклучени се сите постоечки капацитети на останатите објекти и клонови во непосредна близина на објектот кој што се реконструира. Оттаму, постоечкиот капацитет во останатите објекти, бројот на занимални, санитарните чворови, воспитувачкиот кадар и останатите услови коишто се причина за загриженост, се на соодветно ниво за да ги задоволат потребите во периодот на реконструкција на „Пролет 2“ – се наведува во реакцијата од „Пролет1“.
Оттаму уште додаваат дека дејноста ја извршуваат согласно законите и стандардите за предучилишно образование, дека безбедноста, здравјето, хигиената и квалитетот на престојот на децата им се врвен приоритет. Притоа ги повикуваат медиумите пред објавување на информации кои се однесуваат на згрижување на деца и воспитно-образовни установи, истите да ги проверат кај надлежните служби и официјалните извори.
Во однос на реакцијата на градинката, да потсетиме дека родители на деца од градинката „Пролет 1“( кои незадоволни од условите во кои се згрижени децата поднесоа и петиција до надлежните) информираа дека во објектот престојуваат дечиња од две градинки. Со оглед на фактот дека објектот располага со шест занимални, децата од двете големи групи, како што посочија, биле префрлени во холот, односно во салата на градинката, а на бината им биле поставени креветчиња. Истовремено, делот од холот каде се примаат дечињата бил преполн со инвентар од урнатата градинка. За сето ова добивме и фотографија од родителите во која во преден план се гледа инвентарот, а одзади на бината креветчињата за децата.

Дека дел од децата биле сместени во холот и на бина потврдија и од Општина Карпош со објаснување дека тоа се правело преку лето затоа што просторијата била климатизирана, иако од градинката категорично ги отфрлаат „тврдењата дека децата престојуваат или спијат во ходници, на бина или во други несоодветни простории“.
Холот на градинката е адаптиран за престој на деца и секоја година оваа просторија се користи во летниот период за иста намена, бидејќи има клима уреди, и има место за истата намена, згрижување на дечиња – истакнаа од Општина Карпош.
По објавувањето на текстовите за состојбата во градинката, според информации од родителите, децата биле тргнати од холот и сместени во занималните.
Настрана, како што посочуваме во текстовите, најголемиот проблем ќе настане од септември кога децата ќе се вратат во градинка, затоа што преку лето голем број од нив не престојуваат во неа. Според родителите се очекуваат 300 деца, кои треба да престојуваат само во шест занимални.
Од градинката во својата реакција велат дека капацитетот на „Пролет 1“ е 200 деца, а моментално во неа има 185, затоа што како што самите тврдат, во текот на летниот период бројот на присутни деца традиционално е значително помал поради користење на годишни одмори од страна на семејствата.
Па еве јавно прашуваме – колку деца ќе престојуваат во градинката од септември и по колку ќе бидат сместени во една занимална?


