Ана Петановска во студио ја снима макeдонската верзија на „Балада за ангелот“/Фото: Приватна архива

ВИДЕО | Григор Копров: Од само еден коментар на Јутјуб се роди нова песна посветена на Тоше која знаев дека мора да ја пее Ана Петановска

Публиката на фестивалот „Белградска пролет“ уште ја памети емотивната изведба на песната „Балада за ангелот“ која ја испеа Ана Петановска во 2024 година. Оваа песна има уште поголема вредност затоа што му е посветена на Тоше Проески.

Сега, пејачката со моќен вокал која добива најголем аплауз на сите нејзини концертни настапи, сними македонска верзија на оваа песна.

Ана Петановска и Григор Копров/Фото: Приватна архива

Реномирниот композитор Григор Корпов, кој е автор на музиката за песната „Балада за ангелот“ вели дека само еден коментар под видео од Тоше му бил инспирација за оваа песна.

– Гледајќи еден спот од Тоше, сосема случајно прочитав коментар под видеото на Јутјуб. Тоа се само неколку зборови, кои не можеа да ми излезат од главата подолго време. „Кога сум тажна тука си, кога сум среќна тука си“. И токму оваа реченица ми даде инспирација за песната за која веднаш знаев дека треба да ја испее Ана. Сликата што ја имав во главата, ми се потврди со нејзината изведба на фестивалот „Белградска пролет“. Публиката не престана да аплаудира и тогаш на сите ни се потврди дека сме направиле нешто добро – ни рече Григор Копров.

Оригиналната верзија на песната е на српски јазик, со текст на Душан Бачиќ, соработник и пријател на Копров од Србија за кој вели дека брзо ја препознал неговата идеја. Стефан Петановски, братот на Ана, кој е еден од најталентираните гитаристи и продуценти е автор на аранжманот. Ана Петановска е автор на текстот за новата, македонска верзија.

– Ако песната е напишана од срце како што е оваа, јазикот не е толку важен. За брзо време го прилагодив текстот на македонски јазик. Додека го пишував и додека ја снимав новата верзија на песната ми навираа сеќавањата и впечатоците од настапот на „Белградска пролет“. Тоа беше едно навистина исклучително искуство и чест ми беше да сум таму со сите пејачи. Се запознав со голем дел од нив и сите беа многу мили. Остварив познанства и со други музичари кои настапуваа и сите имаат многу автентични пејачки квалитети, па со некои од нив имавме често разговори околу пејачките техники, и други искуства со пеењето – изјави Ана Петановска.



Во песната конкретно не се споменува името на Тоше, но има дел од стихот „Твојте бакнежи на мојте бели кошули“ , еден од неговите најголеми хитови од авторите Григор Копров и Огнен Нелковски со аранжман на Кокан Димушевски. Копров и Неделковски се автори на повеќето хитови на Тоше од почетоците на кариерата како „Усни на усни“, „Сонце во твојте руси коси“, „Излажи ме“ и други.

 

Ана со брат ѝ Стефан Петановски на „Белградска пролет“ во 2024 година/ Фото: Принтскрин/Јутјуб

 

Ана Петановска и оваа година пееше на фестивалот „Белградска пролет“ кој се одржа во април во салата „МТС“ во Белград. Реномираниот фестивал годинава прослави 65 години. На тој настап, таа се запозна со Маја Оџаклиевска која беше дел од гостите. Пееше и Драган Мијалковски, кој доби награда за животно дело. Салата „МТС“ порано се викаше Дом на синдикатите и токму таму на 17 април 1961 за првпат се одржа фестивалот.

На јубилејниот концерт во чест на музичките великани кои настапувале на познатиот фестивал покрај Ана настапи и Даниел Кајмакоски и други млади пејачи, како Душан Свилар, Принц од Врање, Наташа Михајловиќ, поранешната членка на групата „Фрајле“ и други со песни од Ѓорѓе Марјановиќ, Лола Новаковиќ, Боба Стефановиќ, Бисера Велетанлиќ, Арсен Дедиќ и други.

За брзо време, Ана Петановска ја очекува нов музички предизвик. Таа ќе настапи на фестивалот „Бисер на Јадранот“ на 18 јули во Тиват, во дует со Наташа Михајловиќ, поранешната членка на групата „Фрајле“ со песната „Под нозете“ (Под ногама) која ја напишаа авторите Григор Копров (музика), Душан Бачиќ (текст) и Стефан Петановски (аранжман).

Токму на овој фестивал, Ана Петановска и Дадо Топиќ победија минатата година со песната „Небо“ која е од истите автори.

– Прва награда, „Златен Бисер“ на овогодинешниот „Бисер на Јадранот“ за песната „Небо“ со Дадо Топиќ, емоциите се тука. Ви благодарам од срце мили луѓе, за сите коментари, желби, честитки и несебична поддршка. Огромна благодарност до фестивалот, Дадо Топиќ и Григор Копров за искрениот ветер во грб и за целиот ангажман – изјави тогаш Ана Петановска.

Со истата песна, дуетот лани настапи на ревијалната вечер на „Охрид фест“.

ВИДЕО | Ана Петановска: „Да се биде дел од Макфест е чест и гордост, одговорноста пред нашата публика е голема“

ФОТО | Ана Петановска го даде срцето на сцена на Василичарскиот концерт и ги засени гостите од странство

ФОТО | Солзи за Тоше и овации за пејачите на фантастичниот концерт на „Битолски оркестар Дива“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот