Ана Петановска и Марија Андоновска на концертот за Тоше во Битола / Фото: Приватна архива

ФОТО | Солзи за Тоше и овации за пејачите на фантастичниот концерт на „Битолски оркестар Дива“

 Осма година по ред, Битолскиот оркестар на чело со диригентот Владимир Димовски го организира овој настан, на идеја на актерката Маја Андоновска-Илијевски.

Со многу емоции и пред полна сала, „Битолски оркестар Дива“ во четвртокот го одржа концертот „Тоше, засекогаш во срцата“ во Центарот за култура во Битола.

На концертот настапија врвни пејачи и секој хит од Тоше беше одлично избран за секој вокал.

Димитар Андоновски на концертот за Тоше во Битола / Фото: Приватна архива

Осма година по ред, Битолскиот оркестар на чело со диригентот Владимир Димовски го организира овој настан, на идеја на актерката Маја Андоновска-Илијевски, поранешна директорка на Центарот на култура. Таа му е сестра на пејачот Димитар Андоновски, кој фантастично испеа неколку песни од Тоше, а Маја со сопругот и со синот го бодреше од првиот ред.

– Мојата идеја немаше да стане реалност без вербата на Владимир Димовски. Тоа беше наш прв заеднички проект, а оваа година додека седам во публика преполна со емоции, овој концерт го доживеа и осмото издание. Ти благодарам Владе, што иако годинава за првпат не доби поддршка од Министерството за култура, направи сѐ за концертот да се случи. Како и секоја година, и годинава плачев и се гордеев. Тоше беше еден и останува „Засекогаш во срцата“ – напиша Андоновска на Инстаграм.

Ана Петановска на концертот за Тоше во Битола / Фото: Приватна архива

Во последно време ниту еден концерт на оркестарот „Дива“ не поминува без Ана Петановска, „чудо од дете“ и чудо од вокал. Петановска е од лекарска фамилија, студира психологија, но слободно може да држи часови по пеење. Ана Петан докажа дека е светски глас многу пред овој концерт, а сега тоа само го потврди.

– Да продолжиме да го чуваме она што ни го остави Тоше, да ја негуваме неговата музика како наше наследство – рече Ана при крајот од концертот.

На домашен терен пееше и битолчанецот Бојан Стојков, вокално одличен, видно ослабен и во добра форма.

Изненадување на вечерта беше младиот Алексеј Ивановски, кој заедно со Стојков ја испеа „My Little One“, дуетот на Тоше со внук му Кристијан. Редовна на концертите на оркестарот е енергичната Јасна Димитровска со која публиката редовно пее и танцува.

Бобан Стојков и Алексеј на концертот за Тоше во Битола / Фото: Приватна архива

За жал, иако беше најавена, Наде Талевска од здравствени причини не можеше да настапи, но дојде во публиката да ги поддржи колегите. Дел од планираните песни за неа, освен Ана Петановска испеаја и Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Биљана Талевска. Симпатичен момент беше кога некој од публиката довикна: „Браво Владе“, наменето за диригентот.
Секоја чест за Биљана Талевска, која пееше придружни вокали во текот на целиот концерт, но на крајот излезе напред како главен вокал и како од шега маестрално ја испеа „Немаш ни благодарам“. При крајот од песната се изгаснаа светлата и на видеобим го видовме Тоше, онаков каков што го паметиме, насмеан, среќен и полн со љубов.

– Ве сакам од дното на срцето и на душата – се зборовите на Тоше на кои од дел од публиката се расплака.

Фото: Приватна архива

Шлагот на крајот беа најмалите пејачи. Основци од училиштето „Гоце Делчев“ од Битола излегоа со светилки од публиката и заедно со Ана Петановска и со сите учесници ја изведоа „За овој свет“, песна што Тоше ја испеа во 2004 за УНИЦЕФ. Тој беше член на УНИЦЕФ и регионален и национален амбасадор на добрата волја.

Традицијата што осум години ја одржува битолскиот оркестар е за голем аплауз. Без говори, со музиката на Тоше и негови фотографии на видеобим, музичарите и публиката достоинствено го чуваат споменот на него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот