Ана Петановска - Фото: Ана Јанева

ВИДЕО | Ана Петановска: „Да се биде дел од Макфест е чест и гордост, одговорноста пред нашата публика е голема“

Талент пред кој никој не останува рамнодушен, глас кој се слуша и надвор од нашите граници, музички потенцијал за кој допрва ќе се зборува – ова се само дел од епитетите што ја красат младата пејачка Ана Петановска. Домашната јавност ја запозна како девојката која маѓепсува со својот глас, но и по настапите на Евровизиската сцена, каде што беше придружен вокал на нашата претставничка Андреа.

Иако веќе е чест гостин на фестивали надвор од Македонија, за Ана ова беше прво фестивалско искуство во Македонија. Во разговор за „Слободен печат“, таа искрено го сподели своето доживување од настапот на макфестовската сцена, енергијата на публиката и посебниот момент што го доживеала во Штип.

„Искуството беше преубаво, ја почувствував публиката, особено затоа што ова е едно големо, јубилејно издание – 40 години „Макфест“, нешто што останува дел од нашата традиција. Во моментот на самиот настап си помислив дека оваа година и јас сум дел од една убава музичка приказна, едно суштествување што трае со генерации. Навистина беше прекрасно искуство, чувство на гордост“, изјави Петановска.

Иако има богато искуство со настапи на меѓународни сцени, изјави дека пред домашната публика чувствувала најголема трема и одговорност.

„Имав најмногу трема, затоа што кога настапувам во странство последниве години, сум поопуштена – не е наша публика, па повеќе се потпираш на техничкото изведување. Но на „Макфест“ чувството е сосема поинакво тука, дома, одговорноста е поголема. На моја огромна среќа, добивам многу поддршка и комплименти, луѓето чувствуваат искрено воодушевување од моето пеење. Вечерва почувствував дека треба да ги оправдам тие очекувања“, додаде таа.

Инаку, од безвременските макфестовски хитови, Ана Петановска веќе ја има отпеано легендарната песна „Моја гитара“, која оваа вечер повторно ќе ја изведе Сашо Гигов – Гиш.

Повеќе за нејзиниот настап и искрените впечатоци од фестивалот, нои искуството на фестивалските сцени о и надвор од Македонија погледнете во видеото во прилог.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот