ФОТО | Ана Петановска го даде срцето на сцена на Василичарскиот концерт и ги засени гостите од странство
Светските диско-хитови синоќа ја наполнија Националната опера и балет на традиционалниот Василичарски концерт.
Препорачано
Неколку години по ред се одржуваа концерти со оперски арии, а од завчера се врати популарната музика со Ана Петановска како главна ѕвезда и неколку гости од странство. Репертоарот на концертот беше интересен, сцената и осветлувањето одлични, доловувајќи атмосфера како на една голема дискотека, оркестарот и диригентот Џијан Емин исто така фантастични, а Ана Петановска беспрекорна. Гостите Џудит Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит од Данска, Клара Лукас од Германија и Мартин Лин од Данска беа шармантни, но далеку од вокалното и сценско ниво на Петановска.

Штета е што ова не беше само нејзин концерт со оркестарот, а гостите од странство да беа само нејзини гости. Штетата е и што немаше уште некој од домашните пејачи што сме ги гледале на минатите изданија на концертот што се одржува по 31 пат.
Како најдобар вокал од гостите се издвои Германката Клара Лукас, што јасно се виде по аплаузите и реакциите на публиката. Британката Џудит Беноа е исто така добра пејачка, но недоволно сигурна, па направи неколку грешки што публиката ги забележа, а среќа е што искуството на музичарите во оркестарот и Џијан Емин успеаја да ги „покријат“.

Убав беше дуетот на Ана Петановска и Клара Лукас во „Dancing Queen“ од „АББА“, сплетот на песни од „Бони Ем“ кои Ана заедно ги пееше со машките гости Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска. Тоа беше моментот кога Ана за првпат се појави на сцената, а публиката „живна“. Штета е што Петановска не ги доби „Killing Me Softly“ и „I Will Survive“ , сигурно ќе звучеа многу подобро со неа отколку со Џудит Беноа.

Но, затоа, младата пејачка која студира психологија, целото свое срце го даде додека ја пееше „Lady Marmalade“ на сцената. Ова беше најдобриот дел од концертот, на кој публиката најбурно и реагираше.
Целата публика танцувајќи и со голем аплауз побара бис од музичарите, па концертот заврши личејќи на големо диско со песната „We Are Family“ на крајот.
Режисер на настанот е Дејан Прошев, а сценографијата и видеодизајнот се на Марија Ветероска. На 13 јануари се одржува вториот Василичарски концерт на истата сцена од 20 часот.



