Будва, Црна Гора - Фото: Рexels-mikhail-nilov

Црна Гора има нов предлог-закон — продолжен викенд еднаш месечно за сите вработени

Во Црна Гора е предложено ново законско решение кое би можело да донесе значајна промена во организацијата на работното време, со кое вработените би добивале право на продолжен викенд еднаш месечно, преку слободен петок пред последниот викенд во месецот, соопшти пратеникот на Демократска Црна Гора, Душко Стјеповиќ, пренесува „Нова“.

Клубот на пратеници на Демократска Црна Гора веќе поднел во собраниска процедура Предлог-дополнување на Законот за работни односи, со кое се воведува правото на продолжен викенд еднаш месечно. Целта, како што наведуваат, е подобрување на правата на работниците и подигнување на квалитетот на работниот живот во државата. 

Според објаснувањето на Стјеповиќ, со предложеното решение би се додал нов член во законот, по членот 76, под ознака 76а, кој би се однесувал на „продолжен викенд еднаш месечно“. Во неделата што му претходи на последниот викенд во месецот, вработениот би имал право на слободен петок, односно на одмор од 24 часа кој се користи во петок, а кој се надоврзува на редовниот одмор од членот 76, со што се добива непрекинат одмор.

Стјеповиќ истакна дека оваа мерка претставува современ и одговорен чекор во унапредувањето на работничките права, насочен кон заштита на физичкото и менталното здравје на вработените, подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, како и зголемување на мотивацијата и продуктивноста.

Тој нагласи дека современите истражувања покажуваат оти подолгите периоди на одмор придонесуваат за намалување на стресот и професионалното согорување, го зголемуваат задоволството кај вработените и позитивно влијаат врз ефикасноста на работата. Според него, државата има обврска да продолжи со унапредување на работничките стандарди и следење на современите трендови во организацијата на трудот.

Клубот на пратеници на Демократска Црна Гора наведува и дека предложената мерка може да донесе пошироки општествени и економски придобивки, преку зајакнување на семејните односи, поголемо учество на граѓаните во културни, спортски и општествени активности, како и дополнителен поттик за домашниот туризам и локалната економија.

Исто така се истакнува дека решението е јасно и прецизно формулирано, што им овозможува на работодавачите навремено да ги планираат работните процеси и организацијата на работата.

„Продуктивноста не се мери само со бројот на часови поминати на работа, туку и со квалитетот, фокусот и ефикасноста на организацијата. Веруваме дека продолжениот викенд ќе придонесе за подобра продуктивност и поефикасна работа“, порача Стјеповиќ.

Тој додал дека предлогот е веќе поднесен во собраниска процедура, но дека се отворени за подобрувања во соработка со коалициските партнери, со цел да се направи современ исчекор во правата на работниците.

На крајот, Стјеповиќ истакнал дека очекуваат предлогот да биде разгледан и од социјалните партнери, Владата, синдикатите и работодавачите, бидејќи, како што рече, тие ќе бидат директно вклучени во неговата примена и функционирање.

Ова се цените за лежалки во Црна Гора – туристите незадоволни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот