Ивановски и Приходко запишаа победи на турнирот во Загреб
Македонските Дејвис куп тениски репрезентативци денеска постигнаа победи во мечевите од второто коло на М25 турнирот што се игра во Загреб, Хрватска.
Препорачано
Калин Ивановски со 2:0 во сетови 7:6 (8) и 7:5 за два часа и 13 минути го совлада Павлос Циципас од Грција, братот на Стефанос Циципас, додека Олег Приходко го победи Хлиб Секачов со 6:0, 4:6, 6:4 за два часа и 11 минути.
Ивановски одигра изедначен меч со тенисерот од Грција, пред сè првиот сет кога немаше ниту еден брејк и по 18 поени во 13 гем, нашиот тенисер беше поуспешен со 10:8 и поведе со 1:0 во сетови. Во следниот сет Ивановски го направи единствениот брејк во 11 гем и поведе со 6:5, а потоа сетот го заврши со 7:5.
Приходко на убедлив начин дојде до водство од 1:0 во сетови откако на ривалот не му дозволи ниту еден гем (6:0), но во вториот сет испушти предност од брејк и водство од 2:1, за противникот да направи два брејка прво за 3:3, а потоа и за 6:4 во гемови и да изедначи на 1:1 во сетови. Во решавачкиот сет Приходко направи брејк и поведе со 4:3 што се покажа како решавачко.
Во текот на денот македонските тенисери ќе настапат и во конкуренција на двојки Калин Ивановски со Амар Хусеиновиќ, додека Приходко ќе игра заедно со Андреј Чепелев.


