Протечен документ или пуштена магла
Владата и македонското МНР ниту еднаш не го покажаа документот, дали го имаат кај себе или, пак, само се повикуваат на она што беше објавено на Фејсбук. Залудни беа нашите обиди да добиеме одговор на овие прашања. Од каде Муцунски и Мицкоски се толку сигурни дека дипломатската нота протекла од бугарското МНР? Можеби документот протекол од нашето МНР или од нашата амбасада?!
Откако случајот со „протечената“ дипломатска нота во која македонската амбасада во Бугарија споделува информација со бугарското МНР за патување на сопругата и на синот на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово ги затегна односите меѓу двете земји, бугарското МНР се огради од секаква одговорност.
Препорачано
Оттаму демантираа дека од кај нив протекол документот и објаснија дека информациите што циркулираат се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година, односно е поврзана „со настани од минатото“. Според бугарското МНР, оваа документација не може да се смета како основа за заклучок дека постои непосредна безбедносна закана за граѓаните на Бугарија или на друга држава.
И сега што?
Дипломатската нота што крена прашина во јавноста и како што рече премиерот ги „радикализираше односите со Бугарија“ се појави пред една недела во извесна фејсбук-група на бугарски јазик. Точно е дека таа се однесува на настан од минатото, односно на настан од пред шест месеци, па оттука и не држи вода тврдењето на премиерот дека е загрозена безбедноста на неговото семејство. Друго е документот да бил споделен во реално време, додека неговата сопруга и неговиот син биле во Пампорово. Тогаш навистина би била загрозена нивната безбедност.
Но, она што повеќе загрижува и отвора дополнителни прашања во јавноста е од каде навистина протекла нотата и која е заднината на ваквиот „дипломатски инцидент“ токму во сегашни услови.
Зошто документот се појави по шест месеци кога од Европската Унија и од Бугарија постојано пристигнуваат пораки и предупредувања дека Владата треба да ги заврши обврските од Преговарачката рамка и да ги вметне Бугарите во Уставот ако сака да ја европеизира државата. Дали некој намерно предизвикува дипломатски скандали со цел затегнување на односите меѓу двете држави и дали тоа се прави со цел да се одвлече вниманието на јавноста? Кому тоа му оди во прилог? Кому му оди во прилог да се даваат драматични изјави, да се вперува прст во некого без никаква основа и да се подгреваат тензии?
Она што зачудува е што „протечената“ дипломатска нота како документ, го содржи само известувањето за патувањето на семејството на Мицкоски и на нивната придружба. На него не се видливи ниту некаков потпис, ниту печат, ниту лого на институција. Ништо. Оттука логично е и да се постави прашањето, дали можеби документот протекол пред да биде испратен?
Владата и македонското МНР ниту еднаш не го покажаа документот, дали го имаат кај себе или, пак, само се повикуваат на она што беше објавено на Фејсбук. Залудни беа нашите обиди да добиеме одговор на овие прашања. Од каде Муцунски и Мицкоски се толку сигурни дека дипломатската нота протекла од бугарското МНР? Можеби документот протекол од нашето МНР или од нашата амбасада?!
Се крева прашина без да се има докази. Па дури за овој „преседан“, како што го нарекоа Муцунски и Мицкоски, биле известени и нашите НАТО-партнери.
И што им кажале? Знаете, „Грубовци Ениџе Вардар“ сподели документ и Бугарија ја загрози безбедноста на семејството на премиерот. Не оди тоа така.
Многу недоречености има во целата ситуација, која многу повеќе мириса на драма и обид да се дефокусира јавноста отколку на некој сериозен дипломатски скандал.
Нема потреба од радикализирање на односите со евтини трикови. Дипломатија не се води со купи ден продај и популизам туку со сериозни, мудри потези и преговори.
Најверојатно целиот случај ќе остане да лебди уште некој ден во воздухот за да се присоберат уште некои ситни политички поени и ќе се заборави. Некој ќе рече, каде што има дим има и оган. Но, овој дим повеќе личи на прашина.


