Елизабета Аврамовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Елизабета Аврамовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

МАМАВИЗИЈА | Аврамовска: Фотографирав родилки за време на породувањето, изложбата беше симулација на матка

Нејзината мајка е првата графичарка во регионот, раскажуваме за Мена Спировска – Менче.

Во последната емисија од втората сезона на „Мамавизија“ една мајка ќе раскажува за друга мајка – за сопствената. Ќе зборуваме за една величествена личност што повеќе не е помеѓу нас. Првата жена – академски образована ликовна уметница во Македонија, прва графичарка во Македонија, но и пошироко, пионерка во модерната уметност – мајката Мена Спировска – Менче. 

Правиме омаж на величествената Менче низ пријатен разговор со нејзината ќерка единица, професорката и ликовна уметница Елизабета Аврамовска.

– Минатата година добив покана преку имејл од Загреб, каде што студирала мојата мајка во 50-тите, во имејлот побараа да им пратам фотографии од неа, по повод изложбата што ја подготвувале. Се изненадив што некој се сетил на неа и им се заблагодарив што ја вклучиле. Добив повторно имејл, еве и сега помислата ме ежи. Во вториот имејл стоеше дека тоа не е групна изложба каде што мајка ми е вклучена, туку е изложба посветена на неа – со солзи во очите раскажува Аврамовска.

И како што објаснува таа, изненадена е како некој таму, во туѓа земја, 72 години ги чувал студентските изработки на нејзината мајка.

Спировска била современик, авангарда. Кога се вратила од Загреб, носела тифус-фризура и панталони.

– Мојата мајка беше кротка жена, зборуваше тивко и бавно, но беше многу напред со времето. Таа како млада се издвојувала и по изгледот и со сфаќањата. Кога работела како професорка во гимназијата „Орце Николов“, чуварите не ја пуштале да влегува од влезот за професори оти мислеле дека е ученичка. Била со кратка фризура, облечена во панталони, а кој од жените носел во 50-тите години панталони овде?! Била несвојствена и пргава – со силни емоции ја опишува мајка си Аврамовска.

Таа творела во периодот од 1955 до 1962 година, како што вели нашата соговорничка, но со дела надвор од стандардите за тоа време.

– Мајка ми била позната по својот автентичен дрворез, но и по цртежите, а мотивите кај неа претежно биле женски ликови и актови, покрај стилската прогресивност и истражувањата во различни дисциплини. Нејзините дела покрај во Македонија биле изложени во Лондон, Белград, Подгорица, Дижон и други места. А самата таа ми раскажуваше дека во Мексико Сити на групна изложба, нејзиното дело било поставено до Пикасо – рече таа.

Елизабета Аврамовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Елизабета Аврамовска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Од 1962 година, по поплавата категорично рекла стоп и не нацртала ниту еден цртеж.

– Поплавата ѝ ги уништи сите дрворези, тоа беше една од причините да престане да твори. Но, главната беше во семејството. Таа сметаше дека ако не ѝ се посвети 100 отсто на работата, не е доволно. Затоа одлучи да биде домаќинка, е не уметница – вели Аврамовска.

Спировска беше сопруга на еден од основоположниците на македонската модерна уметност, сликарот и графичар Драгутин Аврамовски -Гуте, еден од основачите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Аврамовска тргнува по стапките на своите родители, иако нејзиниот татко се противел и не дозволувал таа да оди на академија, заедно со мајка си крадешкум ги остварила своите цели. Сега е во пензија, а беше професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје. Од богатото творештво, за нашата емисија се присетува на една автентична изложба од 1998 година.

– Од пријател дознав дека стариот објект спроти кафеаната „Идадија“ во Дебар Маало било родилиште. Посакав за миг да му го вратам сјајот. Побарав од Клиниката за гинекологија и акушерство дозвола да фотографирам породување. Се согласија две млади мајки. Тоа беше многу интересно и тешко искуство. Породувањето не е како на филмовите, има многу крв. Перспективата од каде гледаш како излегува бебето, воопшто не е лесна, па ми се слоши, ми падна фотоапаратот… Изложбата ја направив како симулација на утроба на жена. Преку игра со камера и светло, доловивме да делува како посетителите да излегуваат и да влегуваат во матка. Нивното доаѓање и заминување се прикажуваше во живо на ѕидот и тој сегмент делуваше како експонат, како дел од изложбата – раскажува таа.

Елизабета Аврамовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Елизабета Аврамовска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Аврамовска во емисијата ни открива и каква мајка била Менче и колку денес таа како мајка се отсликува во неа, дознајте во вечерашното издание на „Мамавизија“. Емисијата започнува во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот