Фото: монтажа на фотографии од МВР и на „Слободен печат“

Екстрадиран Саит Саитов кој во јануари избега во Србија откако прегази жена во Капиштец

Деветнаесетгодишниот Саит Саитов од Скопје, кој беше баран со меѓународна потерница распишана од МВР на 12 јануари, денеска е екстрадиран од Србија во нашата земја, информира Министерството за внатрешни работи. МВР објави дека на Саитов му е определена мерка притвор и дека е предаден во затворот „Скопје“ за понатамошна постапка.

Саитов е осомничен за сторени кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ откако на 9 јануари 2026 со автомобил усмрти жена во Капиштец.

По распишаната потерница од МВР, во февруари тој беше уапсен во Белград по што следуваше  постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави за негово екстрадирање во Македонија и соодветно санкционирање.

ВИДЕО: Бегалецот Саитов уште на 17 години се снимал како дивее со „Пасатот“ со кој ја прегази Љуба Јаковлеска во Капиштец

На 9 јануари со автомобил „фолскваген пасат“ Саитов прегази жена во Капиштец, избега од местото на настанот и ја напушти државата. На 10 јануари јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против тогаш 18-годишниот Саитов, а уште две лица (маж и жена) беа осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело.

Како што информираше тогаш Обвинителството, со автомобил „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, мажот и жената дошле до домот на осомничениот веднаш по сообраќајната несреќа, го зеле заедно со неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Србија. Таму ги оставиле, по што помагачите се вратиле во земјава околу полноќ.

„Саит Саитов го управувал автомобилот без да поседува важечка возачка дозвола. Со возилото удрил во Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала. Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на Саитов да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце. Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе почне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, сопштија во јануари МВР и Обвинителството.

Обвинение за мажот и жената кои помогнаа да избега момчето што прегази жена во Капиштец

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот