ВИДЕО: Бегалецот Саитов уште на 17 години се снимал како дивее со „Пасатот“ со кој ја прегази Љуба Јаковлеска во Капиштец
На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа како тинејџерот Саит Саитов, кој прегази и уби жена во скопската населба Капиштец во петокот, а потоа избега од Македонија со помош на татко му и неколкумина други помагачи, уште пред речиси една и пол година дивеел по улиците со автомобилот „Фолксваген Пасат“ и тоа го објавувал на мрежите.
Препорачано
На снимката се гледа како тогаш Саитов, кој е роден во април 2007 година и во времето кога е објавено видеото имал само 17 години, ита со огромна брзина во, како што се гледа, градска средина, односно во населено место.
На неговите профили некое време можеше да се види тинејџерот фотографиран во возачкото седиште на автомобилот уште во 2020 година, кога имал само 13 години.

Кусо откако се проширија на „Инстаграм“, но и во медиумите, фотографиите и видеата на Саитов исчезнаа од неговиот профил, а и името на профилот се смени.

Сега 18-годишниот Саитов во петокот околу пладне ја прегази 79-годишната жена, која ја минувала улицата „Народен фронт“, по што избега од местото на несреќата без да ѝ пружи помош. Јаковлеска дента им подлегна на тешките повреди во скопскиот Клинички центар.
Подоцна, полицијата соопшти дека возачот Саитов избегал од Македонија преку граничниот премин „Табановце“, со помош на неговиот татко и двајца други осомничени помагачи, кои се уапсени кога се вратиле во земјава.
Полицијата денеска распиша меѓународна потерница по тинејџерот, кој се гони за тешки дела против безбедноста во сообраќајот.


