МАМАВИЗИЈА | Аврамовска: Мајка ми е првата графичарка во регионот, Загреб ни го кажа тоа – нејзино дело било изложено до Пикасо
Втората сезона на „Мамавизија“ ја заокружуваме со приказната за една мајка што не е повеќе меѓу нас. Ќе ви раскажеме за првата жена академски образована графичарка не само во Македонија туку во регионот, која е родум од Прилеп. Овој податок минатата година сосема случајно го открива хрватскиот Музеј за уметности и обрт. Кога имала 29 години, нејзино дело било изложено на групна изложба, во Мексико Сити, до дело на прочуениот Пикасо.
Препорачано
Сте слушнале ли за Мена Спировска – Менче? Многумина можеби не, но нејзиното лик и дело треба да биде зачувано и запаметено, оти таа е пионерка во модерната уметност.
Во оваа последна епизода правиме омаж на величествената Менче низ пријатен разговор со нејзината ќерка единица, професорката и ликовна уметница Елизабета Аврамовска.
– Минатата година добив покана преку имејл од Загреб, каде што студирала мојата мајка во 50-тите, во имејлот побараа да им пратам фотографии од неа, по повод изложбата што ја подготвувале. Се изненадив што некој се сетил на неа и им се заблагодарив што ја вклучиле. Добив повторно имејл, еве и сега помислата ме ежи. Во вториот имејл стоеше дека тоа не е групна изложба каде што мајка ми е вклучена, туку е изложба посветена на неа – со солзи во очите раскажува Аврамовска.
И како што објаснува таа, изненадена е како некој таму, во туѓа земја, 72 години ги чувал студентските изработки на нејзината мајка.
Спировска била современик, авангарда. Кога се вратила од Загреб, носела тифус-фризура и панталони.
– Мојата мајка беше кротка жена, зборуваше тивко и бавно, но беше многу напред со времето. Таа како млада се издвојувала и по изгледот и со сфаќањата. Кога работела како професорка во гимназијата „Орце Николов“, чуварите не ја пуштале да влегува од влезот за професори оти мислеле дека е ученичка. Била со кратка фризура, облечена во панталони, а кој од жените носел во 50-тите години панталони овде?! Била несвојствена и пргава – со силни емоции ја опишува мајка си Аврамовска.
Таа творела во периодот од 1955 до 1962 година, како што вели нашата соговорничка, но со дела надвор од стандардите за тоа време.
– Мајка ми била позната по својот автентичен дрворез, но и по цртежите, а мотивите кај неа претежно биле женски ликови и актови, покрај стилската прогресивност и истражувањата во различни дисциплини. Нејзините дела покрај во Македонија биле изложени во Лондон, Белград, Подгорица, Дижон и други места. А самата таа ми раскажуваше дека во Мексико Сити на групна изложба, нејзиното дело било поставено до Пикасо – рече таа.

Од 1962 година, по поплавата категорично рекла стоп и не нацртала ниту еден цртеж.
– Поплавата ѝ ги уништи сите дрворези, тоа беше една од причините да престане да твори. Но, главната беше во семејството. Таа сметаше дека ако не ѝ се посвети 100 отсто на работата, не е доволно. Затоа одлучи да биде домаќинка, е не уметница – вели Аврамовска.
Спировска беше сопруга на еден од основоположниците на македонската модерна уметност, сликарот и графичар Драгутин Аврамовски -Гуте, еден од основачите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
За тоа каков ѝ бил животот на Аврамовска со двајца уметници дома, како ја примиле одлуката таа да тргне по нивните стапки, каква мајка била Менче и колку денес таа се отсликува во неа, дознајте во вечерашното издание на „Мамавизија“. Емисијата започнува во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


