Што се чита во скопските книжевни клубови летово?
Полека зачекоривме во топлите летни денови, кога секој од нас сака да одвои време за одмор некаде далеку од градските горештини – на плажа или во природа, со нешто освежувачко за пиење и со интересно четиво. Но, ако сте од оние кои засега ќе останат во Скопје, во нашиот главен град има неколку книжевни клубови кои прават месечни средби, каде се водат интересни дискусии и се споделуваат читателски искуства.
Препорачано
Станува збор за „Офлајн бук клаб“, „Бук нук“ и книжевниот клуб на инфлуенсерката Софија Јанева. Љубопитни за нови наслови, кои би сакале да ги споделиме со читателите на „Слободен печат“, ги прашавме што читаат нивните членови и кога ќе бидат нивните следни книжевни средби.
„Офлајн бук клаб“
На 5 јули во „Кафе Литература“ во Дајмонд мол ќе се одржи четвртата средба на „Офлајн бук клаб“, заеднички проект на, како што се нарекуваат самите, букстаграмерките @devojceto_so_knigite, @books_vsmovies, @simonas_library и @xx.bookaholic, во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“.
Овојпат изборот паднал на романот „Ова лето ќе биде поразлично“ (This Summer Will Be Different) од канадската авторка Карли Форчан, позната по своите летни романси.
„Посебно внимание посветуваме и на изборот на книгите. Секој пат се трудиме тоа да биде на креативен и забавен начин – понекогаш им ја читаме првата страница на читателите, без да откриеме за која книга станува збор и тие избираат според впечатокот, понекогаш одлучуваме преку книжевни теми, а некогаш преку јавно гласање“, вели Александра Крстевска, која стои зад инстаграм-профилот @books_vsmovies.
Таа додава дека токму разновидноста и интерактивноста се дел од причините поради кои клубот привлекува сè повеќе љубители на книгите.
„Покрај искрените, длабоки и емотивни дискусии за книгите и темите што тие ги отвораат, секогаш оставаме простор и за забавен дел, каде што сите се опуштаат, се дружат и создаваат нови пријателства обединети од љубовта кон читањето“, додава Крстевска.
View this post on Instagram
„Бук нук“
Летната агенда на „Бук нук“ е исполнета со неколку различни читателски предизвици. Според Елена Василевска, која е основачка „Бук нук“, клубот јуни ќе го заврши со 48-часовен предизвик посветен на романот „Собата на Џовани“ (Giovanni’s Room) од Џејмс Болдвин, по што ќе следува дискусија на 30 јуни во барот „Зои“.
На 4 и 5 јули членовите ќе разговараат за романот „Малиот пријател“ (The Little Friend) од Дона Тарт, како дел од тримесечниот пролетен читателски предизвик.
За месец јули, пак, членовите го избрале романот „Погледот на Медуза“ (Stone Blind) од Натали Хејнс, инспириран од грчката митологија и приказната за Медуза.
„Според нас, ова е совршен избор за на плажа, или пак под клима“, вели Василевска.
Дискусиите за јулскиот избор ќе се одржат на 25 и 26 јули, а локацијата дополнително ќе биде објавена на нивните социјални мрежи.
View this post on Instagram
Книжевниот клуб на Софија Јанева
Членовите на книжевниот клуб на Софија Јанева месецов ја читаат книгата „Едно златно лето“ (One Golden Summer) на Карли Форчан, која ја избрале заеднички.
„Сакавме нешто што совршено ќе се вклопи во летниот период, лесно за читање, но истовремено доволно емотивно и интересно за добра дискусија“, објаснува Јанева.
По неколку потешки и подлабоки наслови во изминатите месеци, изборот овојпат бил насочен кон книга со летна атмосфера и ликови со кои читателите лесно можат да се поврзат.
„Летото е период кога многумина од нас читаат покрај плажа, базен или на тераса со кафе во рака, па сакавме книга што ќе го долови токму тој дух“, вели таа.
Сепак, како што додава, романот не нуди само лесна летна приказна, туку отвора и теми поврзани со семејните односи, пријателствата, личниот раст и животните пресврти.
„Веруваме дека ќе биде книга која кај секоја од нас ќе предизвика различни чувства и размислувања, а токму таквите книги најчесто водат до најинтересните дискусии“, додава Јанева.
Нивната следна средба ќе биде на 1 јули, а за локацијата дополнително ќе одлучат. Но, едно е сигурно – местото ќе има пријатна и книжевна атмосфера.
View this post on Instagram


