Тинејџер од Белград доживеал срцев удар поради топлотен удар
Момче од Србија, на 17-годишна возраст, доживеало срцев удар кој најверојатно бил предизвикан од топлотен удар поради пеколните температури, објави „Нова“.
Препорачано
Според медиумските извештаи, тинејџерот доживеал таканаречен СТЕМИ инфаркт (миокарден инфаркт) и бил итно пренесен на Клиничкиот центар на Србија.
Лекарите од белградската Итна помош истакнаа дека еден од можните причинители се високите температури.
Кардиологот д-р Невена Карановиќ објасни дека граѓаните мора да бидат внимателни за време на тековниот топлотен бран.
„Во однос на момчето кое имало инфаркт, ваква состојба може да се случи ако, на пример, некој има низок притисок, па поради жештината дојде до дополнителен пад на притисокот. Исто така, ако постојат анатомски или генетски предиспозиции, може да дојде до намален проток на крв во срцето, што може да доведе до инфаркт“, вели д-р Карановиќ.
Таа нагласи дека срцето најтешко ги поднесува високите температури, дури и кај здрави луѓе, додавајќи дека почести можат да бидат и мозочни крвавења.
„Доколку човек, без разлика на возраста, се најде на отворено во најголемата жештина и почувствува силна малаксаност каква што досега не почувствувал, по што следуваат благи несвестици, зуење во ушите и појава на ‘ѕвезди’ пред очите, а потоа и мачнина, тоа е јасен знак за топлотен удар и во таква состојба инфаркт речиси е невозможно да се избегне. Во тој случај неопходен е итен лекарски преглед“, предупредува докторката.
Совети и препораки
Лекарите апелираат граѓаните сериозно да ги сфатат високите температури и да бидат соодветно облечени доколку мора да престојуваат надвор за време на најсилниот топлотен бран.
„Луѓето не треба да излегуваат надвор по 10 часот наутро. Посебно треба да внимаваат оние со кардиоваскуларни проблеми, со хронични болести, но и младите“, додава д-р Карановиќ.
Таа предупредува и на опасноста од нагло излегување од разладени простории на голема жештина, бидејќи тоа предизвикува нагли промени во крвните садови, што може да доведе до мозочен или до срцев удар.
Докторите препорачуваат и повеќе да се внесуваат течности, особено со електролити.
„Никогаш не излегувајте без течност. Добри се лимонада, домашни сокови и слично“, додава д-р Карановиќ.


