Романија и Моладвија/ Фото: MoiraM / Alamy / Alamy / Profimedia

Романскиот парламент усвои предлог-закон за обединување со Молдавија

Долниот дом на парламентот на Романија вчера го унапреди предлог-законот со кој се прогласува дека треба да отпочнат преговори за обединување со соседна Молдавија, објави „Романија инсајдер“.

Предлогот беше автоматски усвоен, откако пратениците не успеале да го разгледаат пред истекот на законскиот рок.

Оваа постапка, позната како „тивко усвојување“, значи дека предлог-законот се смета за одобрен доколку парламентот не преземе ништо во пропишаниот рок.

Во документот се наведува дека парламентот ја овластува владата на земјата веднаш да започне преговори со Кишињев за конечно обединување со Република Молдавија.

Според текстот на законскиот предлог, по усвојувањето на законот и по неговото објавување во Службен весник, ќе бидат известени надлежните меѓународни институции, Владата на Република Молдавија, Соединетите Американски Држави, НАТО, ОН и Европската Унија за спроведување на одредбите од законот.

Истовремено, предлог-законот ја потврдува приврзаноста на иницијаторите кон одредбите од Завршниот акт на Конференцијата за безбедност и за соработка во Европа (ЦСЦЕ) во Хелсинки, кој дозволува измена на границите по мирен и по дипломатски пат.

Можно ли е обединување на Романија и Молдавија?

Сепак, законот сè уште не стапил на сила, бидејќи горниот дом на Парламентот, Сенатот, е надлежно одлучувачко тело во овој случај.

И покрај тоа, усвојувањето на законот од страна на Долниот дом предизвика критики од поранешниот прорускo ориентиран претседател на Република Молдавија, Игор Додон.

„Жалосно е што политичари во Романија започнаа ваква империјалистичка политика, која ризикува да создаде спорови меѓу двете земји. И срамно е што политичарите што ја водат Молдавија молчат или премолчено го одобруваат романскиот територијален експанзионизам“, изјави тој во објава на „Фејсбук“.

Идејата за повторно обединување се темели на заедничкиот јазик, историја и култура на двете земји.

Според неодамнешна анкета, околу 38 проценти од граѓаните на Република Молдавија би гласале за обединување со Романија на референдум.

Од романска страна, речиси 72 проценти од граѓаните би гласале „за“ обединување со Република Молдавија доколку се одржи референдум.

Во април годинава, претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека повторното обединување со Романија би можело да го забрза пристапот на нејзината земја во Европската Унија, но нагласи дека таквата одлука мора да биде поддржана од граѓаните.

Москва обвинува дека НАТО преку Романија сака да ја окупира Молдавија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот