Од енергетика до туризам — Мицкоски објаснува зошто Чебрен и Галиште се клучни за иднината на Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека проектот „Чебрен и Галиште“ има стратешко значење за државата, не само од аспект на производството на електрична енергија, туку и за обезбедување дополнителни водни ресурси, развој на туризмот и јакнење на националната економија.
Препорачано
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Мицкоски нагласи дека овој проект може значително да ја подобри позицијата на земјата во услови на климатски промени и растечки потреби за вода.
-Убеден сум дека Чебрен и Галиште се проект со стратешко значење. Не станува збор само за производство на електрична енергија, туку и за создавање дополнителни резерви на вода, поддршка на земјоделството и развој на туризмот- истакна премиерот.
Тој посочи дека во април годинава домашното производство на електрична енергија покрило 88,8 проценти од вкупната потрошувачка, што, според него, претставува значаен чекор кон енергетска независност.
-Целта на Владата е во текот на мандатот државата да стане нето извозник на електрична енергија. Сметам дека сме на добар пат кон остварување на таа цел- рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека е стабилизирана состојбата во енергетскиот сектор, при што акумулациите достигнале околу 80 проценти, а финансиската состојба на државната енергетска компанија е значително подобрена.
Тој потсети и на повеќе инфраструктурни проекти во енергетиката, меѓу кои гасниот интерконектор со Грција, интерконекторот со Србија, како и активностите за поврзување со Косово и Албанија.
Во однос на реализацијата на Чебрен и Галиште, Мицкоски информираше дека се разгледуваат два модели – финансирање преку меѓународни финансиски институции или јавно-приватно партнерство.
-Мое мислење е дека најпрво треба да се исцрпат сите можности за финансирање преку меѓународни финансиски институции. Со оглед на климатските предизвици, ваквите проекти се неопходни не само за државата, туку и за целиот регион- нагласи тој.
Според премиерот, проектот ќе има повеќекратни придобивки, ќе обезбеди дополнителни количини вода за наводнување на Тиквешко Поле, ќе придонесе за развој на Мариово како туристичка дестинација и ќе го зголеми капацитетот на електроенергетскиот систем.
Тој откри дека Владата и АД ЕСМ веќе водат разговори со меѓународни финансиски институции, меѓу кои Светска банка и Европската инвестициска банка, за обезбедување средства за реализација на проектот.


