Цени на нафтата/ Фото: ЕПА

Цените на нафтата паднаа под нивото на кое беа пред војната со Иран

Цените на нафтата паднаа на нивоата забележани пред почетокот на војната со Иран на крајот на февруари, додека во исто време бројот на танкери што минуваат низ Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски патишта во светот за транспорт на енергија, се зголемува.

Цената на нафтата Брент, глобалниот репер, падна на 72,24 долари за барел во четврток, малку под нивото забележано еден ден пред американските и израелските ракетни напади врз Техеран на 28 февруари. Во текот на овој месец, цените паднаа за повеќе од 20 проценти. Дополнителен сигнал дека во моментов нема недостиг на пазарот е фактот што цената на августовските договори за испорака на нафта е пониска од септемвриските договори, при што септемврискиот Брент се тргуваше со околу 73,59 долари за барел.

Според CNN и MarineTraffic, сообраќајот на бродови низ Ормутскиот теснец се дуплираше во последните 24 часа и достигна највисоко ниво од крајот на февруари. Вишата аналитичарка на инвестициската платформа Swissquote, Ипек Озкардескаја, истакна дека фактот што танкерите повторно минуваат низ теснецот со вклучени сателитски сигнали, што укажува на намалување на безбедносните ризици, придонел за намалување на цената.

Како што изјави таа, комбинацијата од ослободување на стратешки резерви на пазарот, падот на побарувачката во Кина и поголемиот број танкери што претходно го напуштија Персискиот Залив без активни системи за следење доведоа до мал вишок на понуда на одредени пазари. Главниот инвестициски стратег на Wealth Club, Сузана Стритер, изјави дека стравувањата од долгорочна глобална енергетска криза предизвикана од конфликтот со Иран постепено исчезнуваат.

-Нафтата се враќа на нивоата пред кризата, но и покрај ова, европските пазари остануваат претпазливи. Инвеститорите истовремено ги следат последиците од рекордниот топлотен бран и загриженоста за слабиот економски раст низ цела Европа-рече Стритер.

Во меѓувреме, танкер регистриран во Либерија го напушти Ормускиот Теснец во четврток користејќи нова рута покрај брегот на Оман препорачана од агенцијата на Обединетите нации за поморски сообраќај, и покрај заканите од Револуционерната гарда на Иран.

Иако минатата недела беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, со кој се предвидува 60-дневен период за преговори за траен мировен договор, тензиите меѓу двете земји повторно се зголемуваат поради различните толкувања на условите од привремениот договор.

Дополнителна загриженост предизвикува ситуацијата во Либан. Во среда, Израел изврши воздушен напад на југот на земјата во кој загинаа две лица, објави либанската државна новинска агенција. Ова е првиот израелски напад врз Либан откако последното примирје стапи на сила минатата сабота. Сепак, аналитичарите веруваат дека цените на нафтата ќе продолжат да паѓаат бидејќи производителите го зголемуваат производството и постепено се обновуваат инфраструктурните капацитети.

Стритер предупредува дека Европа истовремено влегува во нова енергетска фаза предизвикана од екстремна топлина. Цените на електричната енергија на големо навечер оваа недела достигнаа повеќегодишни максимуми на неколку европски пазари поради зголемената употреба на системи за ладење во канцелариите, јавните институции и домаќинствата.

Озкардескаја проценува дека цената на нафтата ќе се движи помеѓу 60 и 80 долари за барел во наредните недели.

-Геополитичките ризици не исчезнаа бидејќи Блискиот Исток ретко останува целосно мирен. Во исто време, Кина постепено ќе се враќа на пазарот на нафта како што ќе се смируваат тензиите, додека бројни земји ќе почнат да ги обновуваат своите стратешки резерви, кои ќе апсорбираат дел од дополнителната понуда- заклучи таа.

Трамп ги обвинува компаниите, бара истрага за цените на горивата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот