Бројот на жртви од земјотресот во Венецуела се искачи на 164, има и 971 повреден
Во двата силни земјотреси што погодија Венецуела засега се регистрирани 164 загинати луѓе, додека 971 е повреден, но црниот биланс најверојатно ќе расте, бидејќи државни служби и доброволци сѐ уште трагаат и извлекуваат тела од урнатите згради, пренесува Ал џазира.
Препорачано
Земјотрес со јачина од 7,2 степени го погоди подрачјето во близина на Сан Фелипе, околу 284 километри западно од Каракас, во 18:04 часот по локално време. Речиси веднаш потоа следуваше втор силен потрес со магнитуда од 7,5 степени во близина на Јумаре, околу 293 километри западно од главниот град, според Геолошкиот институт на САД.
Институтот, користејќи модели за проценка на жртви, соопшти дека најверојатно бројот на загинати ќе се искачи на неколку илјади, а постои значителна веројатност да надмине и 10.000.
„Десетици згради се урнаа и во моментов спроведуваме исклучително интензивни спасувачки операции за да спасиме што е можно повеќе животи, колку што Бог ќе ни дозволи. Исто така сакам да кажам дека ова е вистинска трагедија. Оттука ја испраќаме нашата порака на солидарност, а до семејствата кои ги загубија своите најблиски ги упатуваме нашите најдлабоки сочувства и поддршка во овие тешки часови“, изјави привремената претседателка Делси Родригез во обраќање на државната телевизија рано утринава.
Таа додаде дека целата земја е насочена кон спасувачките операции, а во денеска се очекнува да пристигнст спасувачки тимови и од други држави. Родригез им се заблагодари на меѓународните лидери за понудената помош, меѓу кои и на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп преку објава на социјалните мрежи порача дека САД се подготвени, расположени и способни да помогнат во справувањето со последиците од катастрофата.
„Двата големи земјотреси што штотуку го погодија прекрасниот народ на Венецуела се со огромни размери и зад себе оставија катастрофален број загинати“, напиша Трамп, кој во јануари нареди акција за киднапирање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Поддршка и сочувство изразија и лидерите од Европа, како и од Ел Салвадор, Доминиканската Република, Австралија и Бразил.
Обединетите нации ги повикаа венецуелските власти итно да ги укинат ограничувањата за пристап до медиумите, предупредувајќи дека можноста граѓаните да добиваат информации наскоро ќе стане „прашање на живот и смрт“.
„Од клучно значење е сите аспекти од националниот и меѓународниот одговор на оваа огромна трагедија да бидат водени од целосна посветеност на човековите права“, се наведува во соопштението на мисијата на ОН за утврдување факти за Венецуела.
Во него се додава дека венецуелскиот регулатор за телекомуникации КОНАТЕЛ треба како прв чекор целосно да го деблокира „пристапот до социјалните мрежи и сите медиуми“.
Дивите населби дополнително ја зголемија опасноста
Голем дел од Венецуелците биле во своите домови кога удриле земјотресите, бидејќи средата беше државен празник по повод одлучувачката битка од 1821 година во војната за независност од Шпанија.
Новинарката на „Ал Џезира“, Тереза Бо, јавувајќи се од Богота, изјави дека околу 80 проценти од населението во Венецуела живее во подрачја подложни на земјотреси, а многумина живеат во куќи кои не се изградени да издржат силни потреси.
„На пример, во тешко погодената населба Алтамира во Каракас, многу од урнатите згради се изградени врз седиментни наслаги, што ги прави многу поранливи на сеизмичките бранови. Покрај тоа, низ земјата има многу неформални населби, а таквите објекти не се подготвени да издржат многу силни земјотреси“, јави таа.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо изјави на државната телевизија дека се урнале бројни станбени и други објекти.
„Имаме урнати згради, домови и куќи и правиме сѐ што е во наша моќ, користејќи ги сите расположливи безбедносни и цивилни ресурси“, рече Кабељо.
Видео снимките покажуваат спасувачи како во текот на ноќта пребаруваат низ урнатините на срушена зграда во Каракас, додека вознемирени роднини бараат помош за своите најблиски за кои се стравува дека се затрупани.
Очевидци го опишаа шокот од тоа што почувствувале два силни земјотреси во помалку од една минута.
Марија Алехандра, која го преживеала земјотресот во Каракас, изјави дека се наоѓала во својата зграда кога започнале потресите.
„Успеав да се облечам додека сите ѕидови пукаа. Некако успеавме да ја отвориме вратата. Имаше облак од прашина поради кој ништо не се гледаше. Кога се симнавме долу, изгледаше како сцена од хорор-филм. Моравме да се качуваме преку урнатините од зградата. Видов само едно семејство како успеа да се извлече“, изјави таа за Ал Џезира.
Дваесет и петгодишниот Луис Алехандро Руиз Гарсија од Каракас исто така раскажа за драматичното искуство.
Тој добил предупредување од Гугл за земјотрес само дел од секундата пред да ги почувствува првите потреси, по што следувало силно тресење.
„Се слушаше како работите паѓаат. Видов како еден од ѕидовите ми се распука. Мислам дека тоа беше еден од најстрашните моменти во мојот живот – еден од моментите кога сум почувствувал најголем страв“, изјави тој.
Тој рече дека звукот потсетувал „на турбини од авион“. Руиз Гарсија и неговото семејство веднаш ја напуштиле зградата, но кога стигнале на безбедно место, виделе како се урива уште една зграда.
„Стануваше сѐ посилно“
Кармен Гуедез (69) била во иста просторија со својата неподвижна сестра кога го почувствувала првиот удар.
„Стануваше сѐ посилно. Почнав да гледам како прозорците се движат, а потоа сè почна да се тресе“, изјави Гуедез, административна работничка која живее во ридска населба од средната класа над Каракас.
Друга банкарска службеничка од Каракас посочи дека прозорците се движеле, а потоа сè почнало да се тресе.
„Скалите се одвоија. Целиот ѕид се распука. Предметите паѓаа од таванот. Беше ужасно“, изјави таа.
Меѓународниот аеродром „Симон Боливар“ во близина на Каракас, главниот аеродром во Венецуела, беше затворен откако претрпе сериозни оштетувања.
На снимките објавени на социјалните мрежи од избраниот претставник на државата Баринас, Вилмер Азуахе, се гледа како од аеродромот паѓаат делови од конструкцијата, додека луѓето панично бараат засолниште.
Беше издадено предупредување за цунами, но кратко потоа беше повлечено откако опасноста помина.
Геофизичарот Вашан Рајт од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего изјави за Ал Џезира дека штетите биле толку големи затоа што Венецуела се наоѓа на голема раседна зона меѓу Карипската и Јужноамериканската тектонска плоча.
Тој додаде дека Каракас се наоѓа во длабок седиментен басен, што дополнително ги засилува сеизмичките бранови при земјотреси.
Според Геолошкиот институт на САД, околу 30.000 луѓе загинале во разорниот земјотрес од 1812 година, кој предизвикал огромни разурнувања во градовите Мерида и Каракас.


